МКЦ Рецензија

„ЦРТАЧКИОТ НЕРВ НА ЕДЕН ГРАФИЧАР“

Кон изложбата „Дела на хартија“ на Стефан Младеновски, одржана во  Галерија МКЦ, на 12.12.2019г.

 

Изложбата со наслов „Дела на хартија“, која беше одржана на 12.12.2019 во Галеријата на МКЦ, претставуваше вистинско освежување на полето на цртежот во македонската современа ликовна уметност, а која всушност е прва самостојна изложба на младиот и надежен Стефан Младеновски, инаку апсолвент на Факултетот за ликовни уметности, на одделот графика, изложба на која беа претставени 35 цртежи, од кои 34 работени во 2019г. и еден работен во 2018г.

Спонтаноста во изразот е евидентна уште во првиот момент кога гледачот ќе се соочи со неговите дела. Прикажувајќи внимателно градени колажни композиции, авторот успеа да ни даде преглед на својот развој, кој континуирано течел во текот на 2019 година, видливо по неговите 34 дела работени во овој период. Изразито подвижната форма е израз на уметниковиот темперамент, која се огледа во доследното развивање на еден својствен ракопис, заокружувајќи го тежнението за што поубедлива ликовно-естетска концепција. Тие формални експерименти можеби во овој творечки момент се главна преокупација на авторот, меѓутоа во презентираните дела се забележуваше и друг интересен момент. Таа потсвесна нишка, која е присутна во иста мера во сите негови творби, а која остава доволно спонтан и воедначен впечаток за да може да се најде неговата врска токму од формата на која ѝ е посветено дополнително внимание.

Со своите 35 дела на хартија, како што беше и насловот на изложбата, авторот, и самиот графичар, го потврди и докажа својот интерес кон графичката техника, за изразување на својата разновидна тематска инспирација. Тоа се дела за кои слободно може да се каже дека авторот ги задржува сите обележја на својата графика, со таа разлика што овде размислува над формата – бара начин да ја скроти и рационално да ја осмисли како целина. Разновидноста е присутна и во однос на стилските особености на делата, што е резултат на експерименталната фаза во која се наоѓа Младеновски. Тој ги нагласува тактилните особености на хартијата и формата, која речиси секогаш е строго и јасно дефинирана, а минималното присуство на бојата пак, сведена само на сина и црвена, е во тесен контакт и контекст со претставеното, изразувајќи ги, пред сѐ, своите внатрешни, интимни вредности.

Нагласувајќи ја тактилната вредност на материјата од која поаѓа – листот хартија, обликување во кое во основа авторот го задржува својот појдовен момент, претендирајќи кон една општост и чиста ликовна симболика, во која „локалното“ и „ограниченото“ се надминуваат преку разновидната вметнатост на чистите ликовни елементи во составот на секоја поединечна композиција и притоа користејќи само еден детаљ од неограничениот број форми и ликовни елементи, уметникот доаѓа до една ситуација на настојување да го банализира тој единствен мотив, но тука се крие уште еден доказ дека Младеновски е подготвен да ја надмине ограниченоста на појдовниот мотив што произлегува од формално – визуелната суштина на листот хартија, преку едно нежно варирање на формите што ги внесува на површината.

Овие дела може да се гледаат и како фрагменти, алки од една непрекината низа на една духовна состојба, состојба на контемплација, длабоко вмислено вникнување и екстаза, било да обработува пориви со така невообичаени наслови, какви што се: „Чудна случка“, „Украдени моменти“, „Бели сенки “, или „Лето (крај на јуни)“, не оставајќи место за наметливост, едноставно негувајќи ја линијата, барајќи поцврсти соодноси со формата, парчиња, кои како темни пламени го докажуваат своето постоење во еден сооднос и амбиент, меѓутоа со добра основа за еден продлабочен графички исказ.

Младеновски е уметник што ја сака играта, слободата на нештата, карактеризирајќи посебен индивидуален приод во ликовните барања, каде што под една закрила се наоѓаат дивергентни појави и сетилност, со сензибилитет за речиси сите експерименти што ги пробувал авторот, обединети во една естетика, која подразбира напори за нивно заедништво.

Така, играјќи си со линиите и формата во просторно определените граници, младиот автор успеал да постигне одредена доза на фигуративна хармоничност и рамномерност, кадешто во долниот дел владее хоризонтала, момент, кој му е како стабилност, поради што и самиот своето творештвото до овој момент ќе го опише како: „вертикален формат со хоризонтала во долниот дел“.

Во поглед на мотивскиот дијапазон пак, тој е широк и разновиден: почнувајќи од оние  „секојдневни“ ситуации, па сѐ до оние што потекнуваат од современите размисли за значењето и смислата на нештата. Што и да работи, Младеновски е директен, материјален, кој служејќи се со комбинирана техника, но со повеќе сигурност и стабилност во компонирањето на колажно поставените елементи, успева мотивите од опкружувањето, да ги вклопи во една уникатна целина и да му послужат како повод за игра со линијата, формата, точката, напати целосно изоставувајќи го визуелното присуство на предметот.

Корелацијата субјект и уметничкиот објект, чија цел, впрочем е неговото сопствено менување во разни варијации, се чини е едно од најголемите особености што се јавуваат како дел од неговите колажи. Цртежите оставаат впечаток на чистота и непосредност, каде што строго разграничените геометриски и педантно чисти површини се одраз во одредена мера и на уметниковата личност, а изворниот, интимен карактер на овие творби, значи повторна афирмација на цртежот кај нас, како основна дисциплина, која бара трпеливост, педантност и пред сѐ искреност.

Ангела Витановска, историчар на уметност

МКЦ