ИЗЛОЖБА НА ВАНЧО ЃОРЃИЕВСКИ
17 – 29 јуни
Човек заборавен од многумина што не требаше да го заборават, а всушност… Разбран погрешно од просечните, кои го немаа „сенсот“ на посебноста.
Суштински која е дефиницијата на уметноста?!
– ПОСЕБНОСТ
Одеше храбро надвор од кое било време, без да гледа напред или назад, скромен и хуманистички настроен, сакаше да пренесе сѐ што знае, и остави… Уметници во права смисла на зборот, многумина по себе!
Неговите платна и творби ги спои во своите чемери но и блесоци на кратка радост, балади што го стегаат срцето додека траат, акцентирани од милозвучни гестови на лазурно нанесена боја, што брани бавно и силно како солза во око, балади и митови кои само него го разбираа и на кои единствено им веруваше, затоа што само тие не го заборавија… Само ним не им пречеше неговата неактуелна различност, неговата тешка уникатност…
Ванчо живееше како да не сакаше да го изневери она што во него навестуваше мир, длабочина и тишина, особено во последните години од престојот на овој свет, се соединуваше со битисувањето на материјата во духовниот простор. Неговиот најголем грев беше што е роден во право време, за жал на погрешно место… За во денешнинава да му се загуби сета суштина на постоењето.
Сега „компонира“ на друго место, слика небесно синило во неговата светла омилена ултрамарин, можеби… можеби, „but I do not belive“ некогаш некој ќе се сети…
Оваа изложба е сегмент од творби: графики, цртежи, гважови и акварели од времето на неговиот младешки разлет.
Горјан Ѓорѓиев, јуни 2022
Ванчо Ѓорѓиевски е роден 24.6,1924 во Скопје, а починал 2009 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. На овие студии му предаваат професорите Љубица Сокиќ, Коста Хекман, Зора Петровиќ (сликарство), Михаило С. Петров и Бошко Карановиќ (графика).
Член на ДЛУМ од 1952, изложува со групата „Мугри“ 1960/1961.
По плодната педагошка работа се пензионирал како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Имал повеќе студиски пестои во: Париз (1954, 1960 и 1962, 1963)
Изложувал дела во Италија, Холандија, Полска, поранешна СССР, Финска и др.
Ликовните дела на Ѓорѓиевски се наоѓаат во повеќе музеи, галерии, колекции и јавни институции, како во земјава така и во странство.
Поважни награди:
– 1966 Републичка награда за сликарство „11 октомври“;
– Награда за особени заслуги за градот Скопје; – 1973 Сребрена плакета на Сојузот на ликовни здруженија на тогашна Југославија и многу други признанија и плакети.

Изложбата трае до 29 јуни.