Изложба

Р/Еволуција?

Назли Џан, А. Јовановска, В. Ѓорѓиевски

17 – 31 март

Oтворање на изложбата на Владимир Ѓорѓиевски, Назли Џан и Александра Јовановска со проектот насловен “Р/Еволуција?” Во галеријата ќе бидат изложени дела од областа на традиционалното сликарство, дигиталната уметност и дела изработени со помош на вештачка интелигенција. Изложбата претставува концептуална целина сочинета од три различни техники на изразување на идејата и креативното доживување. Тројца автори чијшто визуелен израз говори за една не толку суптилна промена во однос на уметничката перцепција и начинот на реализација на идеите, колку за влијанието на технологијата и нејзиниот примат во изборот на медиум.

Во сликите (акрил на платно) на Назли Џан, се претставува првиот принцип од континуитетот на концепти презентирани на оваа изложба и кој, имајќи го предвид традиционалниот сликарски пристап, може да се категоризираат како апстрактен експресионизам. Назли Џан со своите слики го претставува принципот на креирање слика чијашто првична идеја е целосно или делумно заменета од самиот процес при создавањето, т.е. од самото сликање. Играта со боите, текстурата и самата композиција во целост се дел од доживувањето кое незасегнато од крајниот изглед, претставува резултат на самата комуникацијата со делото.

Александра Јовановска со своите дела ја претставува естетиката на апстракцијата преку отпечатени скриншотови од мултимедијална видеоинсталација. Овие дела се резултат на вториот важен концепт од оваа целина. Дигиталната уметност и технологијата, за разлика од традиционалните техники, неизбежно ѝ даваат предност на идејата и нејзината непосредна реализација. Доживувањето на бојата, светлото и текстурата, повеќе ја немаат непосредноста на допирот со материјалите гледано од традиционалниот пристап на креирање на уметничко дело. Дигиталната природа на мултимедијалните дисциплини оваа комуникација и допир ја имаат заменето со нешто друго, можеби со продолжување на мислата, и со тоа го претставуваат последниот важен чекор кон третиот и последен концепт во оваа серија – вештачката интелигенција.

Владимир Ѓорѓиевски е авторот кој го претставува овој спесифичен дискурс на технолошкиот прогрес и кој преку своите дигитални креации го покажува визуелниот резултат од експериментите со апликациите за создавање на AI слики. Суштината на експериментот е да се провери до кој степен апликациите за „вештачка интелигенција“ можат да се користат како средство за уметничка креација. И што значи тоа?
Идејата да се разбере и на некој начин оправда феноменот на вештачката интелигенција и евентуално да се поттикне конструктивно мислење за употребната вредност на овој релативно нов широк дискурс. Програмите претставуваат „опасност“ за хуманизмиот и воопшто за целиот систем на верување во рамките на досегашните познати параметри на реалноста. Се поставува прашањето за самиот хуманизам и неговата вистинска природа. За патот до остварувањето на идејата кој станува само техничко решение. Се елиминира оној процес на создавање за кој повеќето сликари ќе се согласат дека е најважниот момент во сликањето.

Додека во науката одамна се работи на идејата за вештачка интелигенција и се користи за решавање на различни комплексни задачи кои во голема мерка веќе го имаат заменето самиот човек, уметноста досега на некој начин беше поштедена од оваа навидум неприродна етапа во развојот. Имајќи на ум дека креативноста е основниот двигател во цивилизацискиот развој на човекот, од тркало до смарт автомобил, се поставува прашањето за самата негова природа и неговата, условно речено, еволуција. Дали оваа очигледна тенденција да се замени креативната пракса на човекот со идејата и рационалниот израз претставува почеток на една ревизија за идејата за целта на самата уметност и научната мисла? Или означува аларм за комплетна реконструкција на вредностите, нашите цели и верувања?

Во областа на науката веќе одамна не слушаме за откритија зад кои стои поединец или помала група иновативни, оригинални умови. Секојдневието на новитетите и остварувањето на идејата за технолошка утопија повеќе не претставува само сценарио за сај-фај роман. Дата-базата на информации која човештвото ја има создадено во последните дваесетина години, која му е достапна на вештачкиот ум или научниот алгоритам и програма, веќе без тешкотии може да го копира однесувањето на поединецот, на безбројте поединци.

Бидејќи сите научно-технолошки откритија се надоградба на основната идеја, и сите различни откритија најчесто се резултат на трудот на голема група научници водени од големи корпорации, вештачката интелигенција изгледа како логично решение за замена на многу аспекти потребни за реализација на “оригиналната“ идеја. Броењето со прсти и користењето калкулатор во својата основа не се разликуваат. Како што компјутерот е средство за реализација на идеи за чие користење потребно е знаење кое суштински не многу се разликува од првобитните алатки на човекот, прашањето е дали апликациите со вештачка интелигенција можат да се користат како средство за креативен израз? Или самото средство претставува парадокс на креативната целина? Заедничкиот елемент е потеклото на идејата и начинот на кој таа ќе биде реализирана. Досега идејата потекнува од човекот и неговата способност и знаења, од неговото искуство. Вештачката интелигенција претставува идеја да се замени човекот од сите оние сегменти во кој е социјално корисен. Самата идеја да може да генерира идеи. Оние кои ултимативно ќе создадат интелигенција која ќе биде способна да размислува како научник и да создава дела како уметник ќе го добијат најдоброто од она што го нуди човекот во овој дискурс на реалноста. Да решава проблеми и да биде идеалниот непристрасен лидер на рационалното.

Прашањето за еволуцијата на човекот и неговата цел за постоење почнува да се преиспитува. Рационализмот го создава својот совршен вештачки пандан.
До каде се протега дефиницијата на рационалното како неоделивост од непознатото?
И дали можеби е време за ревoлуција?
– Срѓан Миќиќ –

Изложбата е организирана од Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет – Скопје, во соработка со Младинскиот културен центар.