Изложба

ПУКНАТИНИ-ТРАНСФОРМАЦИИ

ИЗЛОЖБА НА БЛАГОЈЧЕ НАУМОСКИ – БАНЕ

18 – 31 март

Проблемот со кој се занимава Благојче Наумоски – Бане во овој негов најнов проект се пукнатините и трансформациите, каде што предметното, амбиенталното е поставување на функционален ефект на трагата од присуство на конкретната ситуација или афект на површина и функционалната приказна за дополнителната сензација во овие дигитални дела.

Се покажува односот на пукнатините на површината во една геометриска форма, опозицијата на линијата и површината, функционалната синтеза на материјалноста, односот на пиктуралната форма и објектните протезности, соочувањето на изведените илузии на вдлабнување и на испакнување и потенцијално најавените ефекти, разликувањето на контролираниот гест и верификацијата на случајот на перцепција.
Функцијата на празното и полното и нивна трансформација.

Пукнатините како чин на самото присуство на делото во него и обратно, отвора паралелен однос на материјалноста на различниот потенцијален спектар: спектар на бои и спектар на текстурални ефекти.
Конкретност на тие расцепнатости наспроти смиреноста на делови од површините. Присуство и негова инверзија: онтологија на ефектите од тие пукнатини и онтологија на објектноста наспроти структурата на формата.

„Преку овие дела јас го истражувам она што се наоѓа под или зад содржината, а тоа се самите пукнатини насекаде околу нас. Тоа за мене претставува предизвик за експериментирање со мешање техники, деконструирање, трансформирање и др.
Интересот, меѓу другото, ми е насочен кон создавање на бинарни опозиции: позитив-негатив, полно-празно, вдлабнато-испакнато и ефектите што се создаваат, инсистирајќи на нејасната граница помеѓу илузијата (на насликаното наспроти дигиталното) и реалноста во рамки на геометризмот“.

  • Изложбата трае до 31 март

Благојче Наумоски – Бане е роден на 2.4.1985 година во Кичево. Дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, педагошки отсек, насока Сликарство, во класата на проф. Рубин Корубин. Во 2009 година станува магистер од областа сликарство кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот АД АКТА. Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет на Република Македонија. Во 2016 година станува доцент на истиот факултет. Моментално е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн. Има изложувано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) итн. Исто така има учествувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано седумнаесет самостојни и повеќе групни изложби.