Изложба

Поради џезот

изложба на 33 дела од богатата ризница фотографии на Оливер Белопета

10 декември – 23 декември

Изложбата на фотографии „Поради џезот“ под кураторство на Жига Коритник, беше првично поставена во 2017 година, во Галеријата на Цанкарјев дом во Љубљана. Станува збор за селекција од 33 дела, дел од богатата ризница фотографии на Оливер Белопета направени во период од 2009 до 2016 година, на различни локации и музички фестивали низ светот. Изложбата, дополнета и повторно курирана од Жига Коритник, е реализирана во соработка со Младинскиот културен центар и Скопскиот џез фестивал. Ќе биде поставена во Галеријата на МКЦ од 10 до 23 декември 2022 година.
Жига Коритник за изложбата ќе пише:

„Освен неговата љубов за добрата музика и дизајн (во мноштвото други интереси), јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почуствував уште од почетокот на нашата соработка. Дури уште тогаш му се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Сепак, помина многу време додека конечно ме покани да ја курирам неговата изложба на Љубљанскиот џез фестивал во 2017 година. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција на фотографии, коишто покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги одбрав овие фотографии за убаво да се впијат во галерискиот простор, што се покажа како тешка задача, бидејќи ги имаше толку многу и толку интересни! Потоа го предложив насловот на изложбата. Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер.

Фотографите создаваат спомени; џезот и музиката се неисцрпен извор на најинтересната содржина за нас. Ние сме историчарите што уживаат да ги овековечуваат моментите што се минливи, како и ние. Остануваат само фотографиите и музиката.