Изложба

Мантра на љубовта

Изложба НА Маја Андонова Јокиќ

22 мај – 7 јуни

Љубов, нашата постојана инспирација и двигател по патот наречен живот. Со сите подеми и падови што животот ни ги нуди, често нашиот спокој го наоѓаме во плодовите на љубовтa. A љубовта, таа толку слатка појава, ги обзема нашите сетила и нè понесува како тивок ветер низ бурните мориња. Поетот и уметникот Етел Аднан напиша дека љубовта „не треба да се опишува, таа треба да се живее“.

Нашата драга Маја токму тоа го споделува со нас преку своите дела. Нејзиниот немирен дух го наоѓа бегството од оковите на современото секојдневие во љубовта кон животот, насмевката и радоста. Во нејзините дела преовладува магиски реализам, далеку од традицијата и логичното согледување, исполненто со мистицизам како нејзин двигател. Севозможните бои и линии доминираат во нејзините дела како глас што ни ја раскажува приказната. Приказната за осаменоста, спокојот, самооткривањето, себељубењето. Нејзината композиција е приемлива, исполнета со тонски раскошна палета, создавајќи свет на визии и предизвици. И токму тука, меѓу јавето и сонот, Маја нè остава да ја сонуваме, размислуваме и да ја живееме мантрата на љубовта.

Сонувач, вечен оптимист, жена што љуби да ги бои платната, како и животот, со јаки бои и моменти вредни за паметење.


Маја Андонова Јокиќ е родена на 4 мај 1980 во Скопје. Има дипломирано на економскиот факултет во Скопје, а во професионалниот живот балансира помеѓу буџетите и проектите на кои работи и придонесуваат за промени во општеството од една страна и создавање уметност на платна, мурали како и водење на работилници за деца и возрасни.

Маја е трагач по одговори за човековата душа, вљубеник во јогата, изгрејсонцата, облаците и зајдисонцата. Нејзините слики ги отсликуваат моментите и доживувањата кои нè будат, нè прават ранливи, а во исто време и многу силни и тие емоции ги изразува со свој специфичен сопствен израз.  

Со самостојни изложби се претставила во Скопје 2016 во Кинотека на Македонија, Скопје НЛБ Галерија 2019, НУ Центар за култура Крива Паланка 2019 и учествувала во повеќе групни изложби во земјата и странство Паратисима 2015 и 2016 во Скопје, Донирај Уметност КИЦ 2018.

Скопје, групна изложба “Живот” 2018, Малме; Шведска; Вечното танго на љубовта „ Кочо Рацин„ Скопје 2021; Осврти , рефлексии, илуминации, реминисценции, групна изложба 2021, Ко – РА, Скопје; Жени во уметноста – Мај 2021, дигитална изложба Грузија; The Holy art – CLASH, 25-31.01.2022 Лондон; АУ Роом – LOVE ART, групна изложба април 2022; Вечното танго „ Кочо Рацин„ Скопје март 2023. Маја слика мурали, а во летото 2022 е дел од проектот “Graffiti art takes the streets” како претставник од Македонија во Португалија. 

Нејзини дела се наоѓаат во приватни и јавни збирки во земјата и странство и пренесуваат пораки за љубов, себеспознавање и прифаќање на нашите најдлабоки тајни, кои кога ќе си дозволиме да ги откриеме и насликаме се претвараат во богатсво и енергија што трансформира.