Изложба

„МА“

прва самостојна изложба на сашо колевски

3 – 20 април

Сашо Колевски е роден 14.3.1975 во Скопје. Тој го преферира сликарството, инаку е магистер по правни науки. Веќе десет години го посветува своето слободно време за творење, а оваа изложба во МКЦ ќе биде негово прво самостојно изложување.

Низ неговиот опус може да се забележи дека Колевски експериментира со мноштво разновидни динмики на изразност, преку експресивни форми избалансирано поставени, при што во сите тие разиграни компоненти најголемо присуство зазема расположението на моментот во сооднос со опсесијата на темата со која уметникот се занимава.

Во сликите (акрил на платно) кај Сашо Колевски присутен е концепт базиран врз принцип од континуитет, презентиран на оваа изложба, а имајќи го предвид традиционалниот сликарски пристап истиот може да се категоризира како апстрактен експресионизам. Тој во своите слики го претставува принципот на креирање слика чијашто првична идеја е целосно или делумно заменета од самиот процес при создавањето, т.е. од самото сликање. Играта со боите, текстурата и самата композиција во целост се дел од доживувањето на идејата, која е незасегната од крајниот изглед, претставува резултат на самата комуникација на авторот со делото.

Колевски со својот изблик на бои во занес на творечкиот креативен немир успева да води грижа за комплементарноста и контемплацијата, обидувајќи се да ја долови и отелотвори својата мисла и медитација за древната божица МА.

Изложбата трае до 20 април.