Изложба

ДОЛИНА НА РАДОСТА

ИЗЛОЖБА НА АНИТА ОГЊАНОВСКА

14 – 25 јуни

„Долина на радоста” е шестата нејзина самостојна изложба на која се претставува со дваесетина апстрактни дела изработени во техниката масло на платно и акрил на платно. На изложбата ќе бидат презентирани дела од различни циклуси создадени во периодот 2020-2022 година, кои за прв пат се изложени во јавноста.

Во врска со нејзината инспирација, Огњановска вели:
„Ова е моето место на радост, спокојство и хармонија, но, во исто време, е свет каде што сѐ е возможно, и сонце и дожд, виножито, но и прошетка по облаците… Тоа е мојот свет на соништа и е во сите бои. Со целата енергија и порив, без никакви ограничувања, се трудам да сонувам гласно. Со делата поставени на изложбата „Долина на радоста“ сакам да им порачам на посетителите да уживаат во моментот во сончевите денови, но и во дождот, зашто токму оттаму се раѓа виножитото… А од нас зависи што ќе видиме, дали ќе го видиме виножитото во сиот негов сјај и сите бои или пак сивило. Надвор од зоната на комфорот, самиот творечки пат ме води постојано да размислувам за сето она што го исполнува животот – љубов, страст, слобода, спокој, храброст… И да создадам долина на радоста, за мене и за другите“.


Анита Огњановска е родена на 12 јануари 1972 година во Скопје. Дипломирала  на  Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.  Живее и работи како слободен уметник во Скопје.

Работела како колорист на анимираниот филм Фасада” на Дарко Марковиќ, од 1995 до 1996 година, во продукција на „Вардар филм“- Скопје.

Реализирала повеќе самостојни изложби, меѓу кои се:

  • „Живот“, 6 март 2015 година во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци.
  • „Длабочина“, 28 февруари 2019 година во НЛБ Галерија, Скопје.
  • „Без ограничувања“, 25 јануари 2022 година, Изложбен салон Империјал 1 и 2, Културно Информативен Центар-Скопје.
  • „Внатрешен оган“, 4 март 2022 година во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци.
  • „Внатрешен оган“, 14 април 2022 во Домот на културата „25 мај“ во Валандово.

Учествувала на групни изложби во земјава и странство меѓу кои се:  

– Modern Contemporary Art Show во Марбеља, Шпанија, претставена преку Ван Гог Галеријата од Мадрид, 2020 година;
– Dressme International Contemporary Art Exhibition во Милано, 2020 година;
Collective Art ShowVan Gogh Art Gallery во Мадрид, од 27 ноември до 10 декември 2020;
Копаоник 2021, Ликовна колонија и групна изложба, Лепосавич, Косово;
Вечното танго на Астор Пјацола, Мултимедијална групна изложба, 12 февруари 2022, Домот на културата „Кочо Рацин“ Скопје;
Групна изложба по повод денот на пролетта и деновите на екологијата, 21 март 2022 година, Домот на културата „Кочо Рацин“ Скопје;
Групна изложба “Female Artists”, Галерија Пионери, 27 април 2022, Скопје.

Од делото “Serenety”, е изработен уникатен Персиски тепих, Art in Rug, Los Angeles, California. Со сликата „Бело виножито“ илустрирана е корицата на стихозбирката „Бело Виножито“ од авторот Ванчо Накев, чија промоција се одржа во Безистенот во Штип, 26 мај 2022 година.

Творештвото на Огњановска се состои од повеќе од 600 дела изработени во техника масло и акрил на платно.

Изложбата трае до 25 јуни.

виртуелна галерија >