Изложба НА ВАНЕ КОСТуРАНОВ
19 – 30 октомври
“What matters is precisely this; the unspoken at the edge of the spoken” – Virginia Woolf
Ништо не го одзема нашето присуство посилно од копнеењето, тоа е една од најсилните креативни сили – од копнежот за убавина доаѓа значењето на целата уметност, од нашето копнеење за вистината се раѓа науката, а од нашето копнеење за љубов се раѓа смислата на животот.
Кога би пробал да го објаснам копнежот би го споредил со запирка, кратка пауза помеѓу некогаш и сега, горчливо-слаткиот вкус на калинката, или португалското saudade – неодреденото, но постојано копнеење за некој, или нешто надвор од хоризонтот на реалноста, времето помеѓу вдишувањето и издишувањето, да се чувствува она што зборовите не можат да го искажат.
Дали илузорната природа на копнежот се состои во недостижноста на „нештото“, она надвор од нашиот досег, нештото што не е… Или сепак, овој недостиг, оваа празнина е точно тоа што сме?
„Зад памучната волна се крие шаблон… Целиот свет е уметничко дело… Нема Шекспир… Нема Бетовен… Нема Бог; ние сме зборовите; ние сме музиката; ние сме ‘нештото’“ – Вирџинија Вулф
Изложбата е составена од 23 слики, акрил на платно, работени последните две години.
Ване Костуранов (1979) e сликар и илустратор роден во Струмица. Сликарството е негова прва љубов, која трае повеќе од 20 години. Реализирал повеќе самостојни изложби во земјата и странство, а учествувал и на многу групни изложби и ликовни колонии. Негови мурали може да се видат на неколку локации во Струмица и Скопје.
Како илустратор, автор е на повеќе наградувани книги за деца, кои се преведени на повеќе јазици, како корејски, хрватски, српски, германски, турски, словенечки, португалски, италијански и др.
Изложбата трае до 30 октомври