ИЗЛОЖБА НА РИЏЕТ ФЕРАТИ
1 – 11 јули
Жабата претставува термин познат во железничкиот транспорт и претставува точка на премин на две шини, која им овозможува на тркалата на возот да преминат од една пруга на друга без да се почуствува промена на движењето. Сведоци сме на модерна еволуција на светот и почетокот на изумирањето на традиционалниот свет, кој е создаден од човекот, т.е. светот креиран според светите книги, воедно во кои книги се јавуваат предзнаци и показатели за тој крај. Потребна е модерна поетска интерпретација на мотивите на класичната религија со цел да се создаде подобра иднина и општество. Се отфрлаат сите идеологии околу утопијата и дистопијата поради чиста причина што утопијата претставува свет замислен и совршен, кој најчесто кореспондира со минатото и златните времиња, а дистопијата e вкоренет страв за утрешниот ден, така што фокусот останува на моментот создаден во тука и сега. Десет жаби претставуваат десет прашања, десет насоки и десет илузии за еден нов свет.
Уметноста на Риџет Ферати се обидува да ја доведе во прашање валидноста на традиционалните сликарски гестови. Неговата работа е медитација за процесот на творење, тековно истражување за тоа што може да се изрази преку намерни, спроти интуитивни дејства. Во неговите дела, преовладува потребата да се претставува интелектуално, да се даде на значење за да се извади концептуалното од концептот, моделирање на идеја преку интеракција на бои, форми и изрази. На овој начин, уметникот создава значење не само врз основа на гестови, туку и преку нивните референци на чинови на своевиден ракопис. На скоро монохроматски основи, разработените сликовити гестови се расплетуваат од површините, линиите и нивните соодветни форми во сложеност што е резултат на скриена порака распоредена на платното.
Делата може да се доживеат со знаење низ метафизичка и психолошка сфера. Хроматскиот елемент всушност функционира како рецептор и пренесувач на акутна чувствителност кон светот, како главен извор за постигнување алтернативен несемантички начин на комуникација. Следејќи ја традицијата на учењата, Риџет Ферати ги открива бесконечните можности на интеракциите пристигнувајќи до јазик со кој може да комуницира со светот преку навигација на пласираните линии на психата.
Горјан Ѓорѓиев
Риџет Ферати е роден 1995 година во Скопје, Северна Македонија. Дипломира на Катедрата за Визуелна уметност во класата на Александра Петрушевска Ристовска, на Факултетот за Уметност и дизајн, на Меѓунарoдниот балкански универзитет.
Учествувал во повеќе групни изложби, реализирал и своја самостојна.
2019 – Групна изложба на Факултетот за Уметност и дизајн (МБУ)
2021 – Самостојна изложба „Зарем“, Дом на култура „Кочо Рацин“, Галерија „КО-РА“
2022 – Групна изложба „Три земји – Три универзитети“ Турција, Србија, Македонија
2022 – групна изложба „Вечното Танго“, Дом на култура „Кочо Рацин“, Галерија „КО-РА“
2022- групна изложба „Youth Fest’“, МКЦ, YCUSMAC
Во академската 2021/2022 работи како студент-асистент на Факултетот за Уметност и дизајн, на Меѓународниот балкански универзитет и ги продолжува своите магистерски студии во полето на визуелната уметност. Неговиот интерес се базира на спиритуални и социополитички интереси, додека неговиот стил и уметнички порив се да ги претстави луѓето од општеството преку портрети од силуети во нивното постоење. Клучот во неговиот уметнички израз е дека ги остава реципиентите да зависат од нивната перцепција на метајазикот.