Земјотрес #9

фестивал на свежа домашна музика

„Скопје е град под опсада.

Ребрендиран страв навлегол по куќи и станови, па анксиозно ползи долж пукнатините на подот и ѕидовите. Внесува немир во ноќните преговори помеѓу будните и заспаните. Глупав, досаден страв, кој додатно ја компликува размената на мислења на љубовниците помеѓу вечерата и појадокот. Најкасно до 5 часот и 16 минути наутро, секој од нас го пие првото утринско кафенце, подготвен да се втурне во денот, во кој нема каде да се оди и нема со кого да се види. Градот е под опсада. Ја викаат пандемија. Ја викаат страв.

Баш мислевме што да направиме. Мора нешто да се направи, почна да нѐ боли газот од седење. Помисливме, ајде да испровоцираме серија микропотреси, онакви мали земјотреси што удираат секои два-три месеци, колку да нѐ потсетат дека сме живи. Да потврдиме дека сме живи, а? Да се сетиме дека сме музика. Серија мали, маааали, малецки концерти по два на ден во три дена. Три дена ЗЕМЈОТРЕС. Мал, мини, сладок, земјотрес. Колку да не му се тресеме на стравот и да ѝ се насмееме на опсадата директно во глупавото лице.

Ние, децата на Скопје, го паметиме и она што било пред да се родиме. Паметиме како изгледа кога најубавата младина на оваа земја ќе проструи низ коридорите на наше МКЦ. Земјотрес е масивен музички и социјален удар, кој го слави животот со двојно повеќе живи од човечката загуба во 1963. Прослава на живата култура и младешка енергија, која му пркоси на концептот на деструкција. Оваа година ќе пркосиме скромно, но решително. Земјотрес мини. Земјотрес #9“.

ПРОГРАМА:

6.5.2021 (четврток) | 19:00
Дина Јашари
Перија

7.5.2021 (петок) | 19:00
3ject
The Local Blue

 


  • Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален (70 седишта), носењето маски е задолжително за време на целиот настан.
  • Фестивалот е поддржан од Град Скопје.

 

200,-

сала Фросина