ЗДРАВО МЛАДИ 12

Овогодишното издание повторно, како и секоја година, ќе изобилува со познати имиња од европската и светска музичка сцена, со огромна поддршка од локални артисти чија матична сцена се гради токму во МКЦ.
3 септември, МКЦ парк.


Deerhoof

Deerhoof e калифорниската нојз-панк супергрупа оформени далечната 1994 година. Со над 18 космички албуми, кои се истовремено и експериментални и поп, Deerhoof отсекогаш трагале по смели приказни и радикални звуци, создавајќи во процесот свој револуционерен јазик за разбирање со публиката. Нивниот албум од 2020 насловен како Future Teenage Cave Artists, критичарите го оценија како омниприсутен, илустрација на лична бајковита визија од постапокалиптични мелодии, кои одѕвонуваат во глава, украсен со крајно невообичаени дигитални методи на снимање. Неговото продолжение Love-Lore пакпретставува мозаично љубовно писмо со обработки од песни во живо на артисти како Parliament, Sun Ra, Stockhausen, канализирани во антитоталитарни пораки, кои го инспирирале бендот. Нивниот последен албум, Actually, You Can е жанровски најразновиден и во основа пружа најколоритна вибрантност. За овој албум бендот вели: „Замислете ја сета убавина, позитивност и љубов на светот, која секојдневно се прогласува за грда, негативна и омразена од само прокламираните чувари на ‘здравиот разум’. Тешко дека ние ќе сме виновни за уништување на општеството со разоружување на нивните колонијални економии и затвори и родови улоги и естетика. Напротив, така ќе сме дел од неговото создавање!”


Порто Морто

Порто Морто е сѐ позначајно име на регионалната музичка сцена, а зад името се крие седморка чиј музички правец е тешко да се дефинира, но кога би се обиделе, би можеле да кажеме дека се темели на мешавина од прогресивен поп, арт-рок и инди-електроника.
Порто Морто е едно од најголемите изненадувања во последно време што се однесува до хрватската музичка сцена. Фантастично прифатениот албум „Портофон“ (2019), на кој веднаш нѐ освојува соработката со Дарко Рундек на синглот „Ходај“, им донесе три номинации за ценетата музичка награда во Хрватска, Порин. Препознатливоста ја градат и по нагласениот визуелен израз, кој до детали е разработен во видеоспотовите, но и на сцената. Со новиот албум „Портопоп“ дефинираат нов звук, нов сценски идентитет, но и нова ера од својата кариера.
„Портопоп“ е најавен со новите синглови „Чекам их“, „Вријеме за чилање“ и „Фатаморгана“, кои се придружени со одлични спотови снимени во сопствена продукција. Од страна на повеќе портали и критичари албумот е прогласен за еден од најдобрите регионални албуми во 2021, а на промоцијата во март направија концерт за паметење. Токму тогаш ја добија наградата Порин за најдобар алтернативен албум за 2021.


Tамада

Тамада од Тбилиси, Грузија е новото име во програмата на ЗДРАВО МЛАДИ 2022.

Лаша Шапел е грузиски бегалец од Абхазија, кој пораснал во Тбилиси. По десет години свирење рокенрол, се открива во електронската музика. Преселбата во Рига му ги проширува видиците, дека всушност и може да живее во свет во кој може да формира и обликува сѐ по негов вкус. Во тој момент, работите стануваат кристално јасни, од правецот на градење на неговиот звук до деталите што му се важни за неговата музика. Животниот повик го носи во Берлин, каде што се соочува со острата конкуренција на локалната пулсирачка сцена, но сепак, неговиот уникатен звук го носи во најпознатите музички клубови.

Музиката на Лаша Шапел отсекогаш содржела елементи инспирирани од неговите грузиски корени, кои тој првично ги отфрлал и избегнувал. Со текот на времето овие елементи стануваат сѐ посилни, кулминирајќи во посебен проект наречен: Тамада. Спој меѓу световите на електронската музика и старата грузиска традиција. Тамада го зема своето име од „мајсторот за здравици и домаќинот на трпезата на секоја грузиска гозба“. Рака крената со пехар вино, приказни, песни и здравици. Кревањето на атмосферата на гозба е исто толку важно како и атмосферата што ја создава диџејот на подиумот.

Неговите стихови наликуваат на древно грузиски здравици, допирајќи актуелни општествени прашања и романтичните чувства. Тамада меша многу музички стилови, акустична, како и електронска и традиционална грузиска музика. Овој препознатлив нов стил го нарекува Deep Duqan. Тамада сè уште бара и експериментира – тековен процес кој тешко дека ќе заврши. 

*Нивниот настап е во рамки на програмата LivEurope


Holly Fuck

Со своето појавување во 2005 Holy Fuck го фатија светот тотално неспремен. Ништо што претходно било, не личеше на нив. Нешто како панк-откровение во хардкор трифт-продавница. Нивната посветеност на ритамот и чуството за создавање атмосферични звуци повеќе личат на обид за контакт со третиот вид, отколку на едноставен концерт. Размислувајте во правец на тоа како би изгледало ако Einstürzende Neubauten повторно го откријат Фела Кути со Брајан Ино како keyboard tech, а секој канал од миксетата е пуштен на максимум.  Јавајќи го бранот на популарноста, во 2010 го издаваат нивниот албум “Latin” во 2010, сниман генерално помеѓу 2 поголеми паузи измеѓу турнеи. Тој епски албум е всушност она што им го зацементира дрскиот израз и репутацијата за создавање силна инструментална бука. Во меѓувреме, бендот експериментира и со други состави како Lids, Dusted и Etiquette или ангажмани како продуценти на бендови како Metz, Alvvays и Viet Cong. Нивниот LP-албум во 2008 година се здобива со номинација на канадските Juno и Polaris Music Prize награди. Следат настапи на All Tomorrow’s Parties, Glastonbury, Coachella и ред други престижни фестивали, плус Лу Рид ги идвојува како ‘најдобар настап што го проследил на фестивалот SXSW’. Нивната стратегија е: „секогаш да бидеме зафатени со создавање музика“, вели основачот и нојзмастер Brian Borcherdt. Пред неколку дена е објавен новиот сингл “Ninety Five”, кој е предвесник за новиот албум, по одличниот “Deleter” издаден во 2020. Публиката вели дека бендот има одлично погодено име за нивната музика, бидејќи тоа е првата реакција што човек ја има по нивното шоу.


Sitzpinker

Фуриозната четворка Sitzpinker е петтиот артист на ЗДРАВО МЛАДИ 12!

Бендот доаѓа од Белград, составен од Дуња Мијачиќ (вокали), Данило Илиќ (гитара), Павле Трифуновиќ (гитара, бас) и Андреј Младеновиќ (тапани). Нивното дебитантско EP насловено „Подло поштовање“ е издадено 2018 година, со кое почнува нивното усмерено освојување на поранешните ју-републики. Како еден од бендовите изникнати од колективот Хали Гали, имаат настапувано на голем дел од нивните фестивали, а во 2019 со синглот „Метаноја“, станаа дел од нивната влијателна компилација заедно со останатите бендови од сцената како Визељ, Kоикои, Газорпазорп, Шајзербитерлемон, Прото тип.

Во меѓувреме бројат стотици настапи низ Србија, меѓу кои и фестивалите Арсенал и BeerFest. Со познатите синглови „Да ли“, „Судан“ и „Мустанг“, Sitzpinker го најавуваат и нивниот албум како соработка со Поп депресија/Кишобран, полека трасирајќи ја својата сонична иднина. Сите три сингла многу бргу прераснаа во регионални хитови, а еуфоричните видеа дополнително ги „подгреаја“ очекувањата од нивните фанови. Музиката на Sitzpinker е звукот на Новиот Белград: цврст гаражен инди-рок со доза на shoegaze и психоделија. Како најголеми фанови, наскоро го очекуваме и конечно нивниот албум, најавен за втората половина на 2022.

*Нивниот настап е во рамки на програмата LivEurope


21 век

Постпанк-триото од Скопје го сочинуваат три препознатливи фигури од живата локална андерграунд-сцена: Васко Атанасоски, Раде Јордановски и Дени Крстев. Повеќето од нив ги знаеме од нивните претходни проекти, вклучувајќи ги Bernays Propaganda, FxPxOx, XAXAXA, My Tear и други. Бендот минатата година преку Пасворд продукција го објави својот трет студиски албум насловен „Си нацртав живот“. Уште пред излегувањето го поврзавме бендот со препознатлива мешавина од панк и рок, поткрепена со богати текстови, кои ги отсликуваат социјалните дилеми и други теми. На новиот албум, триото доби звук што е поблизок до поп, но продолжува да се карактеризира со карактеристичен широк опсег на изрази.


TootАrd

Танцувачки ‘џем’ од јагоди спакуван во TootАrd на Здраво Млади 12!

Арапската јагода или TootАrd е хабиби фанк-дуо, составено од браќата Хасан и Рами Наклех. Доаѓаат од планинското село Мајдал Шамс во окупираниот голански регион.

Нивната музика предизвикува носталгични сеќањава на некој подземен диско-подиум во доцните 80-ти во Каиро. Електризирани тела понесени од боите и светлата, вобзудени до екстаза од пенетрирачките звуци на сајзерите и ритам-машините. Вистински религиозен момент. Можеби тоа време е веќе завршено, но сепак последниот албум на Сиријците TootАrd насловен Migrant Birds магично ветува дека не е.

Не нѐ прашувајте како ги откривме, само препуштете се.


Rush to relax

Возбудливиот состав на Дамјан Маневски, моделиран под силното влијание на светското рокенрол-наследство во секој облик, e производ на релацијата Битола – Љубљана. Како што и самиот вели, Rush to relax e бенд составен од повеќе други распаднати бендови. Нивната музика е често мелодична, ама неисполирана. Во одредени моменти може да звучи како слоевит звук, додека на моменти важен е само едноставниот риф или секвенца за да се долови најсуштинското DIY-одѕвонување.

Rush to relax на ЗДРАВО МЛАДИ доаѓаат во проширен состав: Дамјан (вокал, гитара), Јан Цизеј на бас гитара, Ерик Керпан на гитара и Васја Онич на тапани. Публиката пак ја има таа чест да го чуе и најновиот материјал од нивниот нов албум, кој треба да излезе точно еден ден пред фестивалот.


Палиндром

Следен артист кој ќе настапи на ЗДРАВО МЛАДИ 12 се МОРДНИЛАП.

Палиндром сe дел од локалната музичка сцена од 2013 година, со супер успешни изданија зад себе: COALESCE (2014), DESERT Y (2017) и ABSORB (2020), сите три носејќи енигматични називи исто како и музичката подлошка на самиот бенд. Уникатната комбинација на две бас-гитари и тапани го прави ПАЛИНДРОМ бендот што мора да се чуе во живо. Ние ги знаеме како еден од бендовите на наш Ерик, тие се всушност навистина сериозен постпанк-нојз стонеррок-состав што реално оддувува.


Хајка

Хајка е млад панк-бенд од Скопје. Со своето прво ЕП „Непрекинато движење“, па деби-албумот „Антиталент“, кој вбројува 25 песни и новиот сингл „Мека машина“, Хајка дефинитвно го привлекоа сечие внимание. Кој денес пишува 25 песни за прв албум? Тие што имаат многу да кажат. Влечејќи инспирација од бит-генерацијата на писатели и постмодерната уметност, сместенa во гласен гаражен панк, Хајка сериозно газат, одејќи само нагоре. Веројатно кога би се сретнале Иги Поп со Џело Биафра во бексјтеџ некаде по светов, гарант ќе се прашаат за текстот на „Гол ручек“. Нивниот втор албум, „Мека машина“ излегува оваа година.


парк МКЦ