ЗДРАВО МЛАДИ полни 10 години!
Поминавме 9 лета заедно слушајќи ги најактуелните имиња на прогресивната музичката сцена, а за ова јубилејно десетто издание на ЗДРАВО МЛАДИ настапуваат: данските легенди на инди-рок сцената – Efterklang, свежата психоделија од Истанбул – Lalalar, домашните Funk Shui и PMG Kolektiv и човекот без кој не би можеле да го замислиме фестивалот, ирецот – DJ Fitz!
Дел од програмата оваа година е и самостојната изложба на Сали Ертунч насловена „25-тата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“.
Фестивалот ќе биде реализиран со строго почитување на Протоколот за организација на настани (прилог бр 33), кој беше усвоен на 73. Седница на Владата на СРМ.
Фестивалот е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Билетите по цена од 500 денари се достапни на билетарницата во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk
Повеќе инфо за артистите:
Efterklang е инди-рок група од Данска, формирана во декември 2000 година.Бендот го сочинуваат 3 пријатели од детството: Mads Brauer, Casper Clausen и Rasmus Stolberg. Враќањето на групата седум години по последното студиско издание ни доаѓа со петтиот албум насловен Altid Sammen, кој се смета за најдобриот досега. Период на транзиција со големи авантури и креативно истражување, смел и амбициозен, но сепак ангажиран на примарно и емотивно ниво, албумот е навлезен во експериментирањето што е заштитен знак на Efterklang уште од нивниот деби-албум. Крајниот резултат од сите овие патувања, сите овие експерименти, е најдобрата музика во кариерата на Efterklang. Тоа не е албум за „повторно обединување“, без оглед на тоа што можеби го предложи Последниот концерт. Lalalar. Свежа психоделија од Истанбул! Со своите ретро-филмски бас линии, електронски ритмови, расклопени вокали, флертувачки гитари и внимателно ископани примероци од наследството на Анадолија, Лалалар евоцира идна носталгија. Основана од тројца познати музичари од турската музичка сцена, почитувани и за нивната соло и колективна работа, Лалалар е без сомнение едно од најчујните европски откритија во моментот. Насловот на нивниот врежан деби сингл ‘Isyanlar’ се преведува на бунтовници и тоа е повеќе или помалку суштината за тоа како оваа група работи на сцената. Funk Shui. Етаблирањето на македонската сцена го постигнуваат пред сѐ преку двата студиски албуми „Етер“ (2012) и „R.E.M“ (2015), а воедно и преку бројните синглови издадени во последните 10 години. Funk Shui овозможиле бројни соработки со домашни артисти, вклучувајќи ги Чиста околина, Љубојна, Pluto’s Doubts и други, а воедно и странски артисти како Buč Kesidi од Србија и Samanthamaya од Словенија. Синглот „Метеори”, кој е најава за новиот албум, беше споделен на крајот на мај и веќе на почетокот на јуни се искачи на музичките топ-листи, станувајќи воедно и песна на неделата на хрватскиот влијателен портал muzika.hr. ПМГ-Колектив е еден од највредните бендови на нашата сцена, кој ако добро броиме – моментално работи на 9-тиот по ред албум, а зад себе има околу 30 изданија. Еден од ретките бендови кај нас што може да има сет од еден час со мегахитови – килери, не филери… Токму такво нешто најавуваат ПМГ-Колектив на својот прв настап на ЗДРАВО МЛАДИ!Ги следиме од самите почетоци. Бевме сведоци на нивниот прв настап на една од Таксират вечерите во МКЦ во 2005 година. Преполн Б2 на промоцијата на првиот, култен „Резонатор“, па промоции во Кастро, клупски концерти, па сѐ до големите сцени на сите етаблирани македонски фестивали… Го гледавме бендот како минува низ своите различни фази и постави, како расте и зрее, и сметаме дека оваа постава – триото Попов, Ефтимов, Гавровски – е тоа што всушност е сржта на ПМГ-Колектив. Едноставно, искрено и чисто, со огромна возбуда и нетрпение го очекуваме ова нераздвојно трио, да засвири на 27 август во Паркот МКЦ на јубилејното десетто издание на фестивалот. Ќе претстават дел од новиот материјал, но ќе нѐ почастат и со безвременските хитови – Скопјанка, Манекенки, 80ти/90ти, Ти си мојот свет, Контрол… „25-тата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“ – изложба на Сали Ертунч
Малдиот македонски уметник Сали Ертунч ќе се претстави на фестивалот со самостојна изложба. За идејата и мотивот на изложбата, тој вели:
„Забранетата 25-та слика во кинематографијата е познат експеримент на James Vicary. Со неговиот „експеримент“ тој успеал, потсвесно, да вметне емоции кај филмските гледачи, а 25-тата слика најчесто била реклама за прехранбената индустрија. Овој експеримент подоцна бил забранет поради големиот потенцијал за манипулација на гледачите, и освен како хорор тема на филмовите, 25-тата слика не била повеќе користена… или барем ние така веруваме. Денес, години подоцна од познатиот експеримент, секојдневно наидуваме на различни ситуации, кои ги толерираме/игнорираме, па оваа појава станува „новата нормала“ на современето општество. Дете што плаче, е смирено од страна на родителот со помош на мобилниот уред – ТОЛЕРИРАНО! Апатијата за политика кај младите – ТОЛЕРИРАНА! Беспотребната форсирана возбуда за капиталистички цели aka. HYPE – ТОЛЕРИРАНО! Тоа се нашите „25-та слика“ во реалниот живот со чија помош цивилизацијата се води во нов/стар, точен/погрешен правец, а еволуцијата продолжува. Со серија цртежи, слики, графики и неколку инсталации, забранетата порака на уметникот, како и забранетиот екпсеримент на James V., ќе биде изложена пред јавноста со цел да ја потенцира интолеранцијата“.
Сите хитови – цело време!