ЗАД КУЛИСИТЕ

изложба на уметнички фотографии Од АЛЕКСАНДАР Томовски

„Александар е современиот скопски Едгар Дега. Повеќе е присутен зад сцената на Македонска опера и балет и од самите балерини. Своевремено, Дега со својот тефтер неуморно ги скицирал активностите на балерините зад и на самата сцена – сликал и вајал. Но, да имал фотоапарат и камера, сигурен сум дека ќе фотографирал и ќе снимал! Токму тоа задоволство го ужива Александар, каде што со години е присутен помеѓу ходниците, сцената, зад сцената, салите за вежбање…“
– Дејан Џолев, Скала Магазин


Александар Томовски е роден 1985 година во Скопје, Македонија – софтверски инженер преку ден, фотограф и филмаџија во останатото време. Неговата љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се симнува и расте низ градските улици и се доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација на уметниците. Можеби тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност што ја поседуваат, но и
експресиите преку глумата, танцот, костимите…
Низ годините учествува на бројни престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со златни, сребрени, бронзени медали, почесни награди, дипломи, признанија..
Од септември 2022 се стекнува и со престижното звање Кандидат Мајстор на фотографија при Националната фотоунија на Македонија.

*Изложбата трае до 23 октомври

Галерија 2