Промоција на роман од Марко Грегур (Хрватска)
- Романот е добитник на наградите „Фриц“ и „Владимир Назор“ во 2020 г.
Промотор: Сашо Огненовски (преведувач на делото)
Модератор: Јулијана Величковска
Вошицки е роман за бескрајот на страдањето на човекот чиишто книги останале како дел од вечноста. Винко (Винценц) Вошицки, натурализиран Чех во Копривница во виорот на турбулентната историја на првата половина од дваесеттиот век го живее проклетството на печатарот, на оној што ја документирал историјата што секогаш и со голема сила го удирала и се обидувала да го уништи. Во неговиот животен пат, сјајно раскажан од Марко Грегур, ја препознаваме целата мачнина на политичките пресврти, го вскусуваме горчливиот вкус на трагичната вина на човекот чијашто благородност е епохална.
Грегур во овој роман зборува за историските пресврти што немале милост кон човекот, кој од петни жили се обидувал да преживее во околности и ситуации полни со смрт и деструкција. Винко Вошицки, документирајќи ја таа политичка деструктивност ex aeterna, го одживува тој маченички живот како печатар и на првите дела на Мирослав Крлежа, како еден од првите сопственици на правата на големиот американски автор Карл Мај, но и како човек што континуирано го разбудувал читателскиот дух. Како голем маченик на современиот општествен хаос, Вошицки се издигнал над материјалниот свет и иако секогаш на работ на осиромашувањето и пропаста, тој е и прототип на голем борец за хуманизмот со којшто многу не кореспондирало тоа време.
„Вошицки“ на Марко Грегур е роман за страдањето на оние што не можеле да бидат дел од ниедна власт, оние што знаеле дека можат да бидат верници само на својата посветеност како и на она што ќе остане и по војните и по политиката и по сите нас – книгата. Следејќи ја судбината на Винко Вошицки, овој роман ја следи мудроста на книгата и на нејзиното опстојување во времиња полни со хипокризија и омраза, времиња што по малку наликуваат и на денешните
‒ Сашо Огненовски.
Марко Грегур (Копривница, 1982) дипломирал на Економскиот факултет во Загреб, додипломски студии за односи со јавноста и медиуми на Универзитетот за односи со јавноста и студии за медиуми во Каирос (ВЕРН) и постдипломски студии по меѓународни односи и дипломатија на колеџот за меѓународни односи и дипломатија Даг Хамарскјолд. Пишува поезија и проза. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: „Фриц“ (2020) и „Владимир Назор“ (2020) за романот Вошицки, наградата „Иван витез Трнски“, наградата „Улазница“ и „Прозак“ награда за најдобар прозен ракопис од автор на возраст до 35 години. Ги објавил стихозбирката „Лирска графика“ (Публикации Церес, 2011) и збирките раскази „Пегличка во декември (ДХК, 2012) и „Убав ден за Дринкополи“ (Алгоритам, 2014) и романот “Како изгоре пресветиот Тромбетасич“, кој влезе во 12-те финалисти за наградата „Фриц“, а ја доби наградата „Катарина Патачиќ“ за најдобра книга на кајкавски дијалект и беше преведен на словенечки јазик. Грегур е вклучен и во антологијата на младите хрватски романсиери „Без врата, без чукање“ (Сандорф, 2012). Иницијатор е на фестивалот „Алпе Јадран фестивал за млади писатели“, член е и претседател на управниот одбор на меѓународниот литературен фестивал „Галовиќова есен“, водител е на книжевните трибини „Либарење“, еден од иницијаторите е и главен и одговорен уредник на списанието „Артикулации“.