„ВО КРЕВЕТ“

ОТВОРАЊЕ НА прваТА самостојна изложба на Мила Добревска

Изложбата насловена „Во кревет“ е прва самостојна изложба на Добревска и претставува истражување на душата и потсвеста на човекот во својата најинтимна, најлична состојба. Овој опус веројатно доаѓа од авторовото истражување на личното и интимноста. Со креативната репрезентација на секојдневието, делата се претставени како потрага по инстинктивното и потсвесното.

Претставувањето на ликовите во сонлива состојба е скоро апстрактно, крајно геометризирано со едноставни форми, кои суптилно ги доловуваат човечките стремежи преку доминантната игра на контрастни бои, кои се натпреваруваат. Со чистиот и храбар колорит, набљудувачот е вовлечен во емоционалните пејзажи создадени од уметникот. Невообичаениот приод кон медиумот на работа, со техниката на мозаик и импасто на платно, текстуралноста на густите потези, боените монохроматски површини имаат за цел да нѐ воведат преку нашата имагинација целосно да се поврземе со претставеното авторско сценарио.

Мила Добревска е современа визуелна авторка (сликарка и мозаичар), која со својот единствен ликовен јазик, комбинирајќи ги експресивните движења на четката, играта на боените површини, како и редењето на мозаиците, има за цел да доловува и буди силни човечки емоции.


Мила Добревска е родена на 1999 година во Скопје. Средното образование го завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски” – Скопје, оддел сликарство, а своите студии ги продолжува на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, каде што дипломира како визуелен уметник и мозаичар. Моментално Добревска ги завршува своите постдипломски студии на истиот факултет во Равена, со фокус на мозаик.

Учествувала на повеќе групни изложби, активности и работилници, меѓу кои се истакнуваат:

  • 2021 – „Мојот наставник сакаше да ми покаже“ – изложба инспирирана од делата од националниот музеј во чест на 700 години годишнина смрта на Данте Алигиери – Национален Музеј на Равена (Равена, Италија);
  • 2021 – „Соништа и визии: од кино во уметност“ – креативна работилница, изработка и сликање на шатори и тенди за море – Плоштад Андреа Коста (Чезенатико, Италија) 2020 – „Патувања и запознавање“- изложба од графики – Галерија Палавичини (Равена, Италија);
  • 2019 – „Трето издание ПАС“- Галерија Тоси, во Академијата во Равена. (Равена, Италија) 2019- „Ravenna Mosaico, Биенале на современ мозаик и ноќ на златото“ – Библиотека Класенце (Равена, Италија);
  • 2018 – XI Младинкси пролетен салон „Слободна тема“ – Национална галерија ‘Мала Станица’ (Скопје, Македонија);
  • 2017 – Креативна работилница и изработна на сценографија со Андреа Кози за представа „Копање“- Македонски народен театар (Скопје, Македонија);
  • 2017 – „Мост“ – Креативно-едукативна работилница, Музеј на современа уметност (Скопје, Македонија);
  • 2017- Интернационална уметничка колонија „Св. Пантелејмон“ (Кочани, Македонија).

Изложбата трае до 26 септември.

Галерија МКЦ