Изложба на цртежи и слики на Владимир Величковски
Владимир Величковски (7 мај 1949, Скопје) — македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Значаен е во 80-те години за проблематизирањето на новите појави во македонската ликовна уметност.
Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976 -1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари.
Неговата главна критична мисла е дека во Македонија е редуцирана и потценета ликовната критика како активност. Гаснењето на интересот и на медиумите оди во прилог на гаснење на ликовната критика, а со тоа и на развојот на националната култура.
„Младинскиот културен центар, кој одбележа педесет години од своето постоење има клучно значење за развојот на македонската култура и уметноста. Точно пред педесет години, во истиот овој простор, во тогашниот Дом на млади „25 Мај“ ја приредив мојата прва самостојна изложба на слики. Следеа повеќе самостојни изложби и учество на групни изложби, и како член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – ДЛУМ. Во 1984 година, во Домот на младите ја организирав изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“ на која, во својот ретроспективен и активен дел беа претставени новосоздадени објекти, инсталации, перформанси и хепенинзи на повеќе уметници. Изложбата беше забележана од бројната публика, како и од повеќе ликовни критичари, во време кога критиката се ценеше и беше објавувана. Квалитетната програма на оваа институција со разни претстави, концерти и изложби со авангардни содржини го задржа моето внимание сѐ до денес. Предложено е мојата изложбата да се отвори на 18 јануари, во очи на светскиот ден на уметноста, која ми го исполнува животот“.
Владимир Величковски