„Урбана архитектура во двојна експозиција“

Изложба на фотографии од Виктор Поповски

„Од кога го знам Виктор знам дека се занимава со фотографија, но кога ги видов неговите фотографии, кои го фатиле времето во рамка по скопските улици, јасно ми беше дека се работи за истенчен фокус, нерв и жила да се прибере моментот во најчесто луцидна приказна. Се работи за извонредна интуиција и познавање на ликовниот јазик, дали научен или по инстинкт, најмалку е важно, неговите фотографии имаат сѐ.

На последната негова изложба на која бев јас пред неколку години во Галерија 7 – Стара чаршија, многу ме импресионираа неговите фотографии, има момент кога јас и мојот другар Љубиша со кого бев на изложбата, дискутираме за неговите фотографии , не знаејќи фатени од друг објектив… Лицата фатени на фотографијата ни говорат сѐ за тоа што ние гледаме обземени од творештвото Викторово. Ги гледав потоа фотографиите често пати на фејсбук и ставав лајкови, нормално оти ми го прават ќефот, апсолутно уживање, и токму кога си реков „мајсторски работи сѐ“, Виктор прави салто мортале, без компромис. Прв пат кога видов една од фотографиите од циклусот ‘Архитектура во експозиција’ и јас доживеав салто мортале, си реков „по ѓаволите, овде е сѐ ново“. Виктор го прави тоа што треба да го стори секој автор, бескомпромисно става поинаква вистина… „Ете – си реков, се потврдува тоа дека естетиката никогаш нема да има граници, секогаш е до авторот и до интегритетот што го носи“.
Сергеј Дамовски


Виктор Поповски е роден во Скопје 74-тата година од минатиот век, фотограф, издавач на разгледници и туристички водич.

Последните десетина години е најпродуктивниот период во неговата фотографија. Професионалното искуство го стекнува работејки како фоторепортер за неколку редакции како Фокус, Точка, Лице в лице и сл. , но и како соработник со неколку поголеми маркетинг-агенции.

Од награди вредно е да се спомене дека е победник на престижната европската награда Жан Моне за 2013 година во делот аматерска фотографија, освоена втора награда на конкурсот организиран од Евролинк осигурување за 2014 година, на тема „Културата низ моите очи“, освоено прво место на конурсот организиран од невладината организација Полио плус на тема „Дискриминација низ мојот објектив“ во 2013 година и други.

Работи во светот на репортерската фотографија, комерцијалната, уличната, пејзажната, астрофотографијата итн. За себе сака да каже дека е хроничар на својот роден град, а тоа и го прикажува преку разгледниците, но и секојдневната улична фотографија, која ја споделува на социјалните медиуми. Учествува на повеќе групни изложби, а својата прва самостојна изложба ја реализира во просторот „Галерија 7“ во старата скопска чаршија. Изложбата „Урбана архитектура во двојна експозиција“ е негова втора самостајна изложба.

виртуелна галерија >

Галерија 2