Модератор: Јулијана Величковска
„Тегли“ на Коцевски е освежување во домашната книжевна продукција, прво затоа што се работи за редок суб-жанр кај нас ‒ трилер и хорор, а потем и самата интригантна приказна што се развива по принципите слични на стрипот. Забележливо е и влијанието на големиот мајстор на хоророт Стивен Кинг, а би било одлично и доколку ова дело добие и филмска адаптација. ‒ Мерсиха Исмајлоска
Ова е книга за отфрлените, за одметнатите, за гнилежот на системот, за криминалот во сите негови нијанси, сѐ до најсвирепите ужаси на кои е способен човекот, за корумпираноста на институциите, за жртвите на семејното насилство, за луѓето што ја преземаат правдата во свои раце, за пријателството и за љубовта. За сѐ она што треба или не треба да се чува складирано во тегли, и сето тоа раскажано со леснотија и низ многу хумор. ‒ Јулијана Величковска
Јордан Коцевски (1983, Охрид) докторирал на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Работи како туристички водич, додека се обидува да го остави својот печат и како писател.
Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“, ја има објавено во 2001 г. Неговата стрип-антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014 г., а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016 г.
Добитник е на две награди за стрипот „Our Eden“, додека неговата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електронска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 г.
Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во повеќе списанија за стрип во земјата и во странство. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството. Тој е главен и одговорен уредник на „(е)Лит“, електронско списание за книжевност и друга уметност.
- Настанот ќе биде организиран со строго почитување на актуелните ковид-протоколи