“Symbiotics”

Изложба на Филип и Ангел Коруновски

Изложбата “Symbiotics” е првата заедничка изложба на Филип и Ангел Коруновски, визуелни уметници со разноликост во нивните портфолија, а слични во нивната физономија. На изложбата се претставени 40 дела работени во комбинирани сликарски и цртачки техники. Сите дела се работени на квадратни платна и се рефлексија на чувствата и размислите на уметниците во контекст на апстрактната уметност и акционото сликарство во насока на личното современо доживување на општеството.

Symbiotic
ИМПРЕСИЈА:
Прво беше движењето. 
Постара беше само потребата за придвижување. 
Заради движењето животот се разликува од неживото. ​

Symbiotic е диптих во кој комуницираат уметнички дела во постојани движења. Диптихот го чинат презимето на потписите, а рамката во која диптихот се остварува е акцијата, дејството. Акцијата во засебните уметнички дела, кои ја чинат изложбата и акцијата во комуникацијата што меѓусебно ја остваруваат овие уметнички дела, во диптихот како севкупна импресија. ​
​Коруновски и Коруновски во оваа изложба создаваат уникатна синтеза: деконстуктивистичкиот пристап на Ангел и миркоскопскиот наратив на Филип, овде создаваат сложен говор од говори, уникатен сематнички јазол. Сложената семантика поаѓа од еден пункт: акцијата, дејството, движењето. Actio. Но и реакцијата, содејството. Reactio. И сето тоа: во сите возможни насоки, од себе кон себе, од органиката на уметничкото дело и неговата комуникација со секое од делата што ја чинат изожбата и го вклучува гледачот, го осмислуваат начинот на кој овој диптих се ткае. Синтезата што се остварува во оваа уметничка средба со двоен потпис плени со количеството енергија: комбинацијата на бои во кои се заробени апстрактните светови на авторите пулсира моќно. Се дивжи сè.  ​Се движи сè, движи, се движи…


Филип Коруновски е ликовен уметник роден 1987 година.
Својата наобразба ја започнува во 2002 во Државното средно училиште за Применета уметност „Лазар Личеновски“ на отсекот за Графика и графички техники во Скопје. 
Во 2006 година високото образование го продолжува на Факултетот за Ликовни уметности при универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје на отсекот за Графика со графички дизајн. 
Во 2011 година Коруновски магистрира на одделот за скулптура на истиот Факултет. 
Истата 2011 година во Ликовниот салон во Велес Коруновски ја поставува својата прва самостојна изложба на цртежи, колажи и слики „Урбана синтеза“, подоцна во 2011 тој исто така ја поставува изложбата „Р.Р.Р.“ на која изложува асемблажи и скулптурални објекти во Ликовниот салон.
Во меѓувреме од 2010 до 2017 година Филип Коруновски е дел од организацијата на Ликовната колонија „Папрадишки мајстори“.
Во 2019 година Коруновски ја претставува изложбата „Nicht zu wissen“ во Берлин, Германија. 
Во 2020 Филип Коруновски ја поставува изложбата „Несознајно“, која беше поставена во Ликовниот салон во Велес во текот на октомври. Оваа изложба е современо естетско истражување на човечките емоции во ликовното изразување, истражување во рамките на класичното портретно сликарство, но истовремено и современиот портретен мурален реализам. Оваа изложба е поставена и во Неготино и Кавадарци. Во 2021 година Филип Коруновски ја поставува изложбата „Носталгија на изолацијата“ во Домот за култура во Демир капија, а подоцна и во Ликовниот салон во Велес.
Филип Коруновски е сценограф во театарот Јордан Х.К.Џинот од 2014 година и има работено на повеќе од 20-тина претстави во матичниот театар, како и во Штип, Охрид и Скопје.


Коруновски Ангел е роден во 1979, во Велес, Р. Македонија.
Своето образование Ангел го започнал во 1995 во Државното училиште за Применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје на одделот за Вајарство. Во 1998 по завршувањето на средното образование се запишува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедрата за Вајарство и скулптура, под менторство на проф. Васил Василев, Коруновски дипломира на истиот факултет во 2003 година. Од 2009 до 2011 Ангел Коруновски ги посетува постдипломските студии на истиот факултет каде што се стекнува со називот Магистер по скулптура во 2011.
Ангел Коруновски учествувал на повеќе од 50 групни изложби, од кои најважни се: годишните изложби на ДЛУМ од 2005 до 2020, “Fierce historian echo” организирана од Националната  галерија на Македонија во 2006, “Balkan, cultural space with no borders” – Србија 2007, “Colony Europe – Balkan” –  Бетон, Франија 2010, Колонија „Папрадишки мајстори“ каде што беше раководител од 2009 до 2017 во Велес, Македонија, “Jaroslavski plener” – Јарослав, Русија 2017. “Symposium for drawing on walls and boats” Каиро, Египет 2018.
Самостојни изложби на Ангел Коруновски се „Симболички примитивизам“ – Државно училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје 2002; „Треперење“ – Народен театар „Јордан Х.К.Џинот“ –  Велес, Скопје, и Куманово 2003; „Пејзажи“- Будва, Црна Гора – 2016; „Рефлексии на херметичноста“ – Ликовен салон Велес, Младински културен центар Скопје, „Иван Мазов – Климе“ – Кавадарци 2016, „Почетокот на почетокот“ дом на култура „Марко Цепенков“ – Прилеп  2020, “Chaotic cosmos” – Prima Center Berlin, Берлин 2020.

Галерија МКЦ