СОНОТ НА ОБЛАЧЕТО

Детски фестивал на театар на сенки
6 – 8 јуни

6 ЈУНИ – ПОНЕДЕЛНИК

Плато МКЦ | 19:00 | 30 мин.

Промоција на ТЕАТАРЧЕ ЗА ИГРА СО СЕНКИ со приказната „Колку е часот?” (3+ год.)

Игра со сенки во секој дом е појдовната желба на театар „Сенки и облаци“! Затоа, со многу страст и внимание, создадовме иновативен креативен сет кој на децата им нуди едно поинакво доживување – изработка на целосна претстава, со вклучена книга, домашна сцена за игра со сенки, кукли кои самите ќе треба да ги доработат и по некое изненадување! ТЕАТАРЧЕТО ЗА ИГРА СО СЕНКИ е издадено на македонски, албански и англиски јазик, во соработка со Гете-Институт Скопје и International Relief Fund.

Сала Фросина | 19:30 | 45 мин.

Претстава: „ЛАВИРИНТ”, Unterwasser – Италија (6+ год.)

Очите што гледаат кон светот се очи на една жена, а сцени од нејзиниот живот се појавуваат како лирски фрагменти. Визуелни поеми кои фрлаат светло на разни нејзини чувства и спомени. Инспирирани од опусот на Марианџела Гуалтиери, Емили Дикинсон, Ети Хилесум, Вислава Шимборска и Лори Андерсон. Уникатна мултимедијална претстава без текст и со рачно изработени 3D скулптури чии сенки се проектирани на големото платно. Публиката ги гледа актерките на сцената како ја содаваат илузијата на гледање филм во живо, користејќи го изворот на светлина како камера.

7 ЈУНИ – ВТОРНИК

Плато МКЦ | 18:00 | 1 час

Работилница и изложба „ЗАРОБЕНИ РЕКИ” (3+ год.)

Преку мозаична игра со фолија во боја, со помош на светло и сенки децата ќе раскажат една поинаква приказна за зачувување на животната средина, со фокус на водата и реките. Работилницата е во соработка со Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, а ќе ја води Доротеј Нешовски. Учеството е бесплатно а бројот на деца е ограничен. Задолжително пријавување во порака на „Сонот на облачето” страната на Facebook.

Сала Фросина | 19:30 | 45 мин.

Претстава: „ЗАБОРАВЕНИТЕ ПРИНЦЕЗИ” Le Studio – Србија (6+ год.)

Преку интерактивен визуелен колаж со сенки ве водиме во светот на непознатите, одамна заборавени принцези. Некои дури и самите заборавиле дека постојат! Сепак, тие заслужуваат повторно да бидат откриени. Затоа ќе ви раскажеме сè што знаеме за нив, сите нивни дворски тајни, исповеди од зад сцената, маѓепсани шуми, сè што некогаш криеле, сè е објаснето, нацртано, измешано овде. А на вас останува само да пребарувате и откриете. И кој знае, можеби ќе се препознаете во некоја!

Плато МКЦ | 20:15 | 20 мин.

Перформанс „ФЛУДО“ Сенки и облаци – С. Македонија (3+ год.)

Мултимедијален перформанс за животот на духчето Флудо, духот на водата, кој со своите пријатели од подводниот свет ќе биде заробен од човечка рака со изградбата на една хидроцентрала. Приказна раскажана преку интересна техника со многу вода, боја и масло на платно. Текст на Д. А. Лори. Кажуваме гласно НЕ на малите хидроцентрали и уништувањето на реките. Да ги оставиме слободно да течат и да ја жуборат својата приказна, која за нас и за идните генерации значи живот. Перформансот е во соработка со Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“. Настанот е бесплатен.

8 ЈУНИ – СРЕДА

Фоаје МКЦ | 18:00 | 60 мин.

Работилница: „КАРАЃОЗ“ Џемал Фатих Полат – Турција (6+ год.)

Децата ќе се запознаат со историјата на Караѓоз театарот, преку класичен текст за играње сенки и традиционалните звуци на ликовите. Во атмосфера на оригинална Караѓоз музика, ќе изработуваат кукли според традиционални методи стари над 650 години. Работилницата е овозможена од Институтот „Јунус Емре“ во Скопје.
Учеството е бесплатно а бројот на деца е ограничен. Задолжително пријавување во порака на „Сонот на Облачето“ страната на Facebook.

Сала Фросина | 19:00 | 40 мин.

Претстава: „КОЛКУ Е ЧАСОТ?“ Сенки и облаци – С. Македонија (3+ год.)

Старо Купувам ѝ подари на Сара еден старински часовник кој пак чука во некое си чудно време, два пати тик, еднаш так! Чие ли време покажува тој? За да дознае, Сара се нурна дури до дното на океанот, одлета до крајот на универзумот и замина на пат околу светот но сепак одговорот не го најде. Ќе остане ли Сара тажна, или можеби по пат си најде ново другарче?
Оваа приказна за пријателството е дел од креативниот сет ТЕАТАРЧЕ ЗА ИГРА СО СЕНКИ кој е составен од книга, кукли според ликовите и домашна сцена за театар на сенки.

Сала Фросина | 20:00 | 30 мин.

Приредба „ДЕТСКИ СМЕШКИ, ЕДНО КИЛО ТЕШКИ“ – Градинка 13-ти Ноември (3+ год.)

Едно детенце – цвеќенце, две дечиња – цветчиња, а повеќе дечиња преубави букетчиња. Претстава со сенки во изведба на дечиња од градинката 13-ти Ноември, објект Парк. Претставата ја подготвија учителките Стојкова Емилија и Билјана Станојкова.

сала Фросина; Плато МКЦ