Отворање на првата самостојна изложба на Филип Мартиновски
Филип Мартиновски, „ќе напишев млад уметник со неговата прва изложба и сиот првичен трепет неминовен за таков настан“.
Сепак…
Филип е автор што е искрен во својот приод, а според моето видување нема да потклекне на маниристичките притисоци што ги налага новото општество и тенденцијата на приклонување кон масовната култура, која се заснова на површна идеја за уметност што нема вистинска суштина.
Во што се крие квалитетот на Филип? – Токму во тоа, во оригалноста! Со тоа добивме Човек, автор кој ќе твори од личен аспект на гледање и ќе го отсликува себството. Необичната приказна за сликарството на Филип Мартиновски се усредоточува врз обработка на пунктови што ги објаснуваат феноменолошките случувања во неговиот живот, хронолошки сублимирани во пиктурално алиби за личен авторски идентитет. Се надевам, чувствувам, а и имам некаква лична сигурност дека овој текст, кој е прв напишан во однос на Филиповото сликарство, по многу години, во едно сосема друго време на естетика и квалитативно вреднување, ќе ги оправда овие пласирани зборови, а Филип Мартиновски ќе биде сè уште свој на своето.
Ако веќе морам критички да ги окфаликувам делата, би напишал: боите се јаки, „тврди“, ограничени со контури на ликови што имааат тенденциозен поглед кон нивниот творец, кој ја доживува интерактивно својата рожба, додека ние како публика сме сведоци на таа комуникација.
За крај, ова е почеток на уживањето во сите светови и времиња на Филиповата имагинација, површина што ќе им овозможи на гледачите интеркомуникациски со сетилата и чувствата да влегуваат во ликовните и во другите аспекти на задоволство, коишто авторот ќе сака да ги сподели со тие што ќе имаат квалитет да го разберат.
— Горјан Ѓорѓиев —
Филип Мартиновски (Скопје, 2003) е студент во прва година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на класата Ликовна педагогија. Средношколското образование го завршил во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски” во Скопје, на Одделот за сликарски дизајн. Матурирал со проектна задача на тема „Соништа”, а најголемиот дел од делата на оваа изложба се сочинети во завршната година од средношколското образование. Со свое дело дебитантски учествувал на колективната изложба посветена на односот „сликарство-поезија” во рамките на првото издание на Скопскиот поетски фестивал во 2021 година, како и на хуманитарна изложба во 2023 година, а и двете први претставувања во јавноста на овој млад ликовен автор се во Младинскиот културен центар.
Изложбата трае до 25 мај.