СКОПЈЕ STAND UP COMEDY ФЕСТИВАЛ

1 јуни | 20:00

ПЕЃА БАЈОВИЌ (ХР) И НИКОЛА ТОДОРОСКИ (МКД) + Џими Цапас (ГР)

Пеѓа Бајовиќ е пионер и ветеран на балканската стендап-сцена, иницијатор на регионална мрежа и хрватски меѓународно најактивен комичар. Во својата кариера, која започна во 2005 година, тој има обиколено 40 земји и стотици градови. За својата работа во 2014 година на доделувањето на Adria Comedy Awards ја доби наградата за најдобар ветеран. Дотерајте се и измијте ги забите, купете си карти навреме и дојдете на снимање на неговото најново шоу на англиски јазик. Не ја пропуштајте стендап-вечерта на деценијата. Гледајте се на стриминг платформите како се смеете во публика и учествувате во македонската stand up special историја.

. . .

Еден од најдобрите македонски стендап-комичари Никола Тодороски вечерва ексклузивно ви ја носи премиерата на својот прв англиски stand up special BANANA RESIDENT со што ќе имате можност први на заебаната планета Земја да ја гледате, да се смеете и да се снимате за Netflix, Comedy Dynamics и македонската GLEY. Во една вечер само SKOPJE STAND UP COMEDY FESTIVAL може да ви понуди ваков спектакл.

. . .

Димитрис Џими Цапас (Диего Себастијан) е еден од најдобрите грчки стендап-комичари и еден од најдобрите живи свирачи на соло-гитара, посебно специјализиран за џез, фанк и соул-музика. Познат е по клубовите низ Европа, со посебно доместичен настап низ клубовите на Тенерифе, Шпанија, каде што поминува поголем дел од своето време кога не е во Грција.

Роден е во Франција, има 55 години и постојано е на релација Грција, Шпанија, Австралија, која ја смета за своја татковина. Познат е по своите слободоумни ставови и Македонците и Македонија ги смета за свои пријатели и браќа, ширејќи притоа позитивна енергија насекаде. Познат е како критикувач на човечкото непочитување, аљкавост, загадување на природатата во својот стендап-настап полн со импровизации во кој безмалку ја вклучува и публиката.


2 јуни | 20:00

БОЈАН ВЕЛЕВСКИ (МКД), МАРИЈАНА АРАНЃЕЛОВИЌ (СРБ) И ФИЛИП УГРЕНОВИЌ (СРБ)

Бојан Велевски е моментално најдобриот и најангажираниот стендап-комичар во Македонија, дечкото што секојдневно со своите клипови ги засмејува Македонците и единствениот што го подигаше националниот дух за време на короната. Неверојатно талентиран, професионален актер со многу филмски улоги, настапува со својот најнов и најдобар материјал само за овој фестивал. Не ја пропуштајте стендап-вечерта на Ел Феномено Боки.

. . .

Маријана Аранѓеловиќ има два епитета, првата и најубавата српска стендап-комичарка. Со изведбата на авторската комедија во рамките на манифестацијата „Фестивал на улични забавници – Баскер фест“ Белград, на 26 август 2011 година стана првата жена стендап-комичар во Србија.

Нејзините стендап-настапи досега имала можност да ги види публиката од Белград, Нови Сад, Кикинда, Суботица, Свилајнац, Мајданпек, Сомбор, Шида, Горњи Милановац, Ариље, Тузла, Лазаревац, Брус, Прибој, Аранѓеловац, Добој, Алексинац, Ниш, Шабац, Бајина Башта, Крагуевац, Бољевац, Бања Лука до Подгорица, Марибор и Скопје… Со Маријана можете слободно да зборувате за сексот, ќе ви го објасни тоа на најсмешниот можен начин. Доаѓа со својата најнова претстава.

Филип Угреновиќ е српски комичар и водител. Познат е како радиолице од најпопуларното балканско Накси радио и Радио 3, но и ТВ лице од најпопуларната балканска емисија „Вечер со Иван Ивановиќ“. Професионално се занимава со комедија од 2016 година и изведува три специјали – „Филипике“ (2016), „Печена ноќ – вечер на импровизација“ (2017) и „Искрено, Угреновиќ“ (2018). Моментално подготвува нов специјал, кој ќе излезе до крајот на годината. Филип првпат ќе се претстави пред публиката во Македонија по неколку стотини настапи низ регионот, Европа и светот. Гарантира урнебесна вечер.


4 јуни | 20:00

НЕНАД ШИЉА СТЕФАНОВСКИ (МКД), НИКОЛА СИЉИЌ (СРБ) И И ОХРИЃАНИ НЕМАТ СНЕМАНО (МКД)

Тоа е Ненад Шиља Стефановски. По потекло горд Македонец, така и се потпишува. Сепак, во далечната 1999 фаќа пат накај Германија, но како среќа во несреќа (или обратно), застанува во Белград за да ја види куќата на Цеца и еве веќе 20 години како е заглавен таму. Притоа успева да го направи скоро невозможното – да направи успешна кариера како стендап-комичар со повеќе од 500 настапи во изминатите 6 години! Да, тоа е околу 80-90 настапи годишно, ние ја направивме математиката за Вас. Ненад конечно реши да се врати дома и да го направи она што до сега не смеел, да настапи пред поблиската фамилија, комшиите и актуелното гласачко тело.

. . .

Никола Силиќ е стендап-комичар и голем обожавател на Лорем Ипсум, кој често се користи во печатот наместо вистински текст за да се види како страницата изгледа исполнета. Понекогаш наместо тоа се вметнуваат познати факти како „дали знаевте дека бил Наполеон“ и „тревата е секогаш зелена каде што умрела кравата на соседот“! Насликал платно, му дале награда. Направил фотографијата во Фотошоп, му дале награда. Направил анимиран филм, му дале награда. Смислил оглас, му дале награда. Но, тој најмногу се гордее со својата скромност. Тежи 100+ кила, што звучи многу полошо кога се вели дека е 0,1 тон. Едноставно доаѓа генијалецот на стендапот.

. . .

Охриѓани немат снемано:

Никола Братучед Сиљаноски – името Никола му го дал кумот, Братучед затоа што сите сме Братучеди, освен брат му, а Сиљаноски дека дете од Лешани. Со стендап-комедија започнал пред 4 години или 1460 денови, попрецизно 35.040 сати, на Машински факултет се рачунало така, за полесно. 32 години, 189цм висина и варијабилна маса. Настапи: Охрид, Скопје, Битола, Велес, а сакал Кичево, Гостивар, Кавадарци и Рајчица. Мото: никакво. Хороскоп: саух. Државјанство: тука е!

Илија Богданоски – „Јас сум Илија и сум причина зошто татко ми и мајка ми стапиле во брак 6 месеци пред да се родам. Имам полни 29 години и сум 113% уморен. Паметен и интелигентен, и најчесто не разбирам шо зборвам. На слики не сум убав, но во живо исто така. Се занимавам со стендап-комедија веќе четири години и обожавам да јадам трилече на своја сметка. И знам да возам точак, небитен факт, ама сепак е факт“.

Јован Цветкоски – магијата на Open Mic Nights во Jazz Inn клубот, далечната 2018,  доволно ја заскокотка љубопитноста на Јован за да се поти на скоро 100 настапи оттогаш. Настапи: од Summer и Winter Comedy Marathons во Jazz Inn, до ќерали и други чудни и чудесни места во Охрид, Битола и Скопје, низ кои ги открива долгочуваните тајни за античките Македонци, како и советува кој брод е најдобар за сезонска работа доколку кариерата во оваа просперитетна држава не ве задоволува.

Зоран Донев – ја започна стендап-кариера далечната 2014 или 6 години B.C. (Before Corona). На почетокот работеше во “Jazz Inn” како шанкер, каде што се случуваа стендап-шоуа. Една бурна ноќ, после неколку пијачки се инспирира и реши и самиот да се проба на жешката сцена. Тогаш сфати дека алкохолот не е баш за него. Зад него има преку 150 настапи на “Summer comedy marathon” 2018, 2019, 2021; “Winter comedy marathon”2019, како и настапи во Охрид, Кочани, Битола, Скопје.

  • Сите настапи ќе се снимаат за платформите Netflix, Comedy Dynamics и македонската GLEY
400,-

сала Фросина