SKOPJE JAZZ FESTIVAL 2022

12 октомври | 20:00

Summer of soul

Документарен филм, 2021
Земја: САД
Режија: Амир „Квестлав“ Томпсон
Улоги: Нина Симон, Стиви Вондер, Би Би Кинг, Sly & The Family Stone, Mahalia Jackson
Времетраење: 117′

Во своето славно деби како режисер, Амир „Квестлав“ Томпсон претставува еден моќен и возбудлив документарец – дел музички филм, дел историски запис – направен околу еден епски настан што ја прослави афроамериканската историја, култура и мода. Во текот на шест недели во летото 1969 година, на само сто милји јужно од Вудсток, беше одржан и снимен The Harlem Cultural Festival во паркот Маунт Морис (сега Парк Маркус Гарви). Снимката беше долго заборавена – сè до сега. Summer of Soul ја осветлува важноста на историјата за нашата духовна благосостојба и стои како доказ за исцелителната моќ на музиката во време на немири, како во минатото, така и денес. Документирани се концертни изведби на Стиви Вондер, Нина Симон, Sly & the Family Stone, Gladys Knight & the Pips, Махалија Џексон, Би Би Кинг, The 5th Dimension и многу други. Филмот освои голем број награди, меѓу кои и Оскар за најдобар документарен филм и Греми за најдобар музички филм.

13 ОКТОМВРИ | 23:00

Zulu 3.4

Zulu 3.4 е современо инструментално трио од Скопје што го сочинуваат Дамјан Даневски (тапани), Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара). Станува збор за млади академски музичари, со исклучителен талент, долгогодишно искуство и сериозен професионален пристап. Формирани се во март 2018 година од страна на Дамјан Даневски, водени од идејата преку фузија на различни стилови и со употреба на современи технички средства да создадат уникатен звук и да внесат свежина на домашната музичка сцена и пошироко. Името на бендот е инспирирано од радиоаматерскиот код за Македонија со кој Дамјан се среќавал од најмала возраст како син на долгогодишен радиоаматер, па оттука радиоаматеризмот е и еден од најважните мотиви што се провлекува низ целото нивно творештво. За кусиот временски период колку што се присутни на сцената, Zulu 3.4 поседуваат релативно богата дискографија. Нивното деби издание „FM to AM” излезе во 2019, а вториот албум „Expandability“ го објавија во март 2020, промовиран со концертен настап, кој беше последен пред пандемиското затворање на сцената. Минатата година тие го реализираа и својот трет студиски проект „Fragments“. Музиката на Zulu 3.4 содржи широк спектар на влијанија и инспирации: од најсуптилните мелодичните изданоци на чикашкиот построк, па сè до некои модерни (не само) џез-фузии, проникнувања и вкрстувања.

14 октомври | 23:00

Abacaxi | Taxi Consilium

Новото, извонредно моќно, noise/funkrock/sound-art трио ABACAXI (‘ананас’ на португалски) поседува слатко срце и бодликава кожа. Оформена околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре, оваа сосема нова инкарнација на класичната рок-постава гитара/бас/тапани претставува интензивна, наелектризирана и гласна звучна скулптура, обликувана од рок-идиомот. Елементи на апстракција, ‘ржечка бучава и прог-рок во корелација со речиси танцовите гимнастички маневри на гитаристот при манипулирањето со низата подни контролни педали, вклучувајќи ги светлосните сценски ефекти. Триото создава високоенергична свежа музика исполнета со блескава бучава и остри рабови, збогатена со светлосна кореографија. Фронтменот Џулиан Депре успеал да изгради свој пристап кон гитарата, како да свири на клавијатури или на тапани. Степувајќи на педалите, тој го ангажира целото тело. И не се крие зад моќниот звук на својот инструмент. За него, гитарата претставува контролер што го користи за да флуктуира помеѓу контрастните нивоа на светлина и звук, додека го истражува физичкиот и менталниот простор, правејќи го да лебди и да трепери во исто време. ABACAXI оставија исклучително силен впечаток при своето деби на Берлинскиот џез-фестивал во 2019 година. Нивното прво издание „Mainstream Desire” следеше во март 2021 (Carton / Coax records). Abacaxi е несомнено еден од највозбудливите антижанровски и мултисетилни актуелни бендови наоколу.


Taxi Consilium е спиритуално присоединување на четири озлогласени арамии од болникавиот македонски џез-етер и сите други офтикави форми на музичка експресија (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers, Пијан Славеј), поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоници и поети на асфалтниот егзодус, éminences grises, кои како предвесници на исходи слепи и неминовни се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ. Како виежот на осамениот бас-кларинет, кој им свири контрапункт на звуците на обљуба што преку ѕидот се слушаат од соседната соба. Точно онака како што Ерик Долфи би звучел кога би бил лик во роман од Томас Пинчон. Непоправливо декадентна и умерено злосторничка, ова е омилената музика на сите ништожници, чудаци, параноици, практикувачи на трансцендентална медитација, заговорници за кармичко прилагодување, препродавачи на половни возила и емисари на црниот пазар; истовремено пулсирајќи како шашавите сновиденија на одамна пензиониран циркуски акробат и нежното предење на невротичен буржуј за време на попладневната дремка, додека во позадина свири „Far East Suite“ на Дјук Елингтон, ама наопаку. Ова е џез како што треба да биде: непослушен, непримерен, недефиниран и небезбеден. Сенки и испарувања, злокобна смеа во далечина. Малициозно стврднување под долгиот мантил во сомнително мрачно сокаче.

15 октомври | 24:00

New Future City Radio

New Future City Radio е проект на Роб Мазурек и Дејмон Локс. Во ова ново дуо, двајцата размислуваат за заедницата, трансформацијата и иднината, низ призмата на една имагинарна пиратска радиостаница за народот. Темите, од звучен и текстуален аспект, беа однапред детерминирани, но импровизацијата ја води приказната. Роб Мазурек е познат по широкиот спектар негови сопствени ансамбли, како и по соработките. Во овој проект, тој е во партнерство со Дејмон Локс, член на неговиот Exploding Star Orchestra, кој е познат не само како глас во овој извонреден оркестар, туку и како водач на Black Monument Ensemble (и двете групи издаваат за култната чикашка етикета „International Anthem“). Дуото подеднакво одговара за електронските делници, но секој посебно го презема водството кога е потребно, со своите специјалитети: Роб со трубата и Дејмон со гласот. Нивната музика во еден миг може да зазвучи отворено бомбастична, а во следниот нежно емотивна, а најчесто е некаде во средината. На прашањето за музиката на New Future City Radio, тандемот во еден глас извикува: „Зборуваме за пост, пост, пост, иднина. Зборуваме за издржливост и левитација. Зборуваме за убавината и структурниот интегритет на нашиот народ. Зборуваме за светлосните зраци, кои раскажуваат приказни и едуцираат. Ајде да зборуваме за тоа ако сакате да разговараме за новата иднина!“ Во Скопје, како специјален гостин, ќе им се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара (Hurtmold, São Paulo Underground…).

сала 25 Мај; сала Фросина