Промоција на стихозбирка од Андреј Ал-Асади
Промотор: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска
Модератор: Јулијана Величковска
Поетот Андреј Ал-Асади со сигурни чекори го освојува врвот на современата македонска поезија. Цврст доказ е книгата „Секој секому огледало“. Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонка лирика. Поетот апострофира низа податоци, дури и детали од културниот, историскиот, менталниот склоп и со личните, внатрешните превирања, стиховите ги сместува во најфиниот простор помеѓу сетилното и артрикулацијата на мислата. Станува збор за исклучителна поетска книга.
– Славе Ѓорѓо Димоски
„Секој секому огледало“ е време исполнето со смисла. Во оваа книга поезијата повторно пее во ритам и во рима, убавиот македонски јазик е оживеан, на старите подзаборавени зборови им е најдено ново место. Андреј Ал-Асади ем знае што прави ем знае како да го направи тоа.
Необична, разиграна книга, а пак сериозна, баш каков што го знам и Андреј – сериозен, строг, со опасна смисла за хумор и со насмевка под мустаќ!
– Ѓоко Здравески
Со оваа книга Андреј Ал-Асади гради дом врз темелите на стара куќа! Со јазик што пулсира низ времето и сочинува нови врски. Тој наснова нови нишки на невидливиот разбој на кој се ткаеле најубавите македонски песни, добро ги затегна меѓу кросната и снове со најубава преѓа.
„Секој секому огледало“ е книга „цел еден свет“ што „татни во тебе, тропа, гребе, завива, да излезе, да прогледа“ сака! Дозволете ѝ на оваа книга да протече низ вас, не само еднаш, неколку пати, оти секогаш е инаква, како вода од река.
– Јулијана Величковска
Овој ракопис блеска со својата универзалност и специфика, носи цврста порака дека постоењето има своја длабока духовна сонда и дека љубовта е начин на живот во кој измамата со својата фаталност гради нови замоци на мудроста, но и искуство за оној друг живот кој не можеме да го спознаеме и само го нагаѓаме. Рефлексијата на Андреј Ал-Асади е фундаментална, далекусежна и слоевита.
– Сашо Огненовски