„Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“
“SCHWINDEL” преведено од германски е термин, кој има двојно значење, и тоа „измама“ и „вртоглавица“. Идејата за овој термин доаѓа од заинтересираноста на кореографот да ја адресира појавата на вртоглавица и исцепреност како последица на брзиот начин на живот со кој се соочуваме денес.
Така, овој перформанс се занимава со темата за тоа како луѓето се справуваат со разни фази, состојби, очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво и со тоа како се преминуваат границите помеѓу овие. Во рамките на работниот процес, кореографот ги предизвика танчарите со вртоглаво патување, а насочено кон истражување на сопственото тело и сопствените граници и анализа на последиците од нашето општество во однос на справувањето со болестите и стареењето. Ги отсликува различните состојби на телото и умот, индивидуалната конфронтација со ранливост и самоизложеност, а повикува на градење доверба со себе и со останатите и истрајност.
Проектот „Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“ е едногодишен проект на центарот Битрикс, а поддржан од Амбасадата на Швајцарија во земјата. Истиот предвидува реализација на три танцови резиденции и продукции во реализација на двајца интернационални и еден локален кореограф, а вклучувајќи ја локалната професионална танцова заедница. Сите три резиденции вклучуваат: отворени танцови работилници за пошироката танцова сцена, танцова резиденција за подготовка на перформанс, со оние танчари кои ќе бидат селектирани од кореографот и изведба на перформансот во рамките на национална турнеја во земјата.
Во рамките на првиот циклус на проектот, преку отворен повик беше селектиран кореографот Тобиас Драегер, заедно со уште 29 танчари од земјата. Од нив, шест продолжија да работат на танцовиот перформанс „Schwindel”/„Вртоглавица“ со него.
Кореограф: Тобиас Драгер (Хамбург, Германија)
Танчари: Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Илина Костовска и Елена Стојкоска
Продукција: Платформа Битрикс – Битрикс Културно-уметнички Центар во соработка со Младински Културен Центар и КСП „Центар Јадро“
Времетраење: 75 минути.
Проектот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија во Македонија.