РОЗЕ КАДИЛАК: 1000 ВОЗЕЊА!

1000 изданија на култното радиошоу „Розе Кадилак“, 25 години на Канал 103

17:00 – Плато МКЦ

Матине дружба со основачите, водителите, соработниците и пријателите на „Розе кадилак“, преслушување на најголемите хитови емитувани во нејзината 25-годишна историја.

21:00 – сала Фросина

VOLTAIRE MANI AL HAKIM (МКД) и EVA BRAUN (СРБ)

VOLTAIRE MANI AL HAKIM
Најдобро чуваната тајна на домашната музика VOLTAIRE M.A.H. е проект на најозлогласениот скопски акустичен арт-терорист Владо Манчевски. Овој апокалиптичен експериментатор, познат по својата хипнотичка избувливост и страст, овојпат во придружба на неговиот соработник Hermano Fritz, ќе се претстави со композиции што изобилуваат со меланхолична апокрифна дистанца, варирајќи од инди-рок па сè до некаков етерично ангажиран глобален звучен коктел. Го нарекуваат кантавтор на буката и теророт, човек што ниту сонува ниту е буден, уметник што умее на неодолив и едноставен начин да го отслика современото секојдневие.


EVA BRAUN
Суптилната мелодична музика и поетските текстови на бендот Eva Braun станаа стандард во овој жанр на просторите на некогашна Југославија. Четворицата пријатели: Милан Главашки (гитара, вокал), Петар Долинка (гитара, вокал), Горан Васовиќ (бас, вокал) и Љуба Рајиќ (тапани) ги направија своите први демо снимки во 1985 година, а неколку години подоцна, во 1991, и официјално го формираа бендот, поставувајќи го градот Бечеј на регионалната рок мапа. Името на бендот е идеја на фронтменот Горан Васовиќ, а останатите членови едногласно ја прифатиле, и покрај неговата необичност и провокативност. Првиот концерт го одржаа на крајот на 1991 година во „ДБ Клуб“ во родниот Бечеј.

Во текот на нивната долга кариера, тие создадоа исклучително возбудлив, софистициран и високостилизиран опус сместен на албумите: Prisluškivanja (1992), Pop Music (1995), Heart Core (1998), Everest (2001) и Playback (2011). Во моментов се актуелни со одличниот нов сингл „Ти си све“ и редовните концерти. Денешниот состав на бендот е: Горан Васовиќ, Горан Обрадовиќ, Љубомир Рајиќ, Звонко Стојков и Алберт Шерегељ.

сала Фросина