Просторот во мене, јас – насекаде

Изложба на Марија Трајаноска

Сликите на Марија Трајаноска се експлозија од поставени прашања за нашето бивствување, нашата осаменост во целината, но и нашето присуство во празнината. Тие се лава што протекува од вулканот на внатрешниот пејзаж. Покрај овие величенствени предели на душевните панорами, јас сакам да ја истражам само фигурата. Таа за мене е клучот за тајната на мистичното сликарство на Марија.

Таа е секогаш една. Постојано сама и единствена. Моделот и уметникот се истата личност. Присутноста на една фигура во перфектните простори на илузиите и распрснувачката моќ на пејзажот во кој таа самува, е духовен автопортрет на сликарката. Но, дали е таа несреќна во тој вулкан од бои и деструктивни предели? Јас мислам дека автоперцепцијата во сликите на Марија е отаде среќата и несреќата, тагата и радоста, темнината и светлината. А, сепак, тоа не е обичен l’art pour l’art. Уметност заради уметноста. Суштината толку јасно е кажана, што понекогаш ти доаѓа да вреснеш! Тоа се оние долги крикови на интроверт, кој го набљудува космосот одвнатре. Пејзажи што се распрснуваат во апокалиптичната состојба на еден свет во исчезнување. Колку е убаво тоа испарување на поредокот на формите! Што е уметноста ако не громогласен шепот на длабока душа, која тихува во лудилото на стварноста?

Оваа изложба е ехото на тој шепот.

Марија црта по ритамот на нејзиниот внатрешен трепет. Таа се нурнува лесно во тој свет, како прошетка на Беатриче и Данте низ Бескрајот во „Боженствената комедија“. Горат пожари во пеколни предели, се скаменуваат шуми во урагани, се смрзнуваат изгубени души во чистилиштето, таа стои исправено и достоинствено.

И покрај халуцинантните визии, сликата не е апстрактна, туку конкретна. Толку жива, со допир и со плот. И тоа е првиот впечаток, кој збунува во ова сликарство. Очекувавме апстрактен хаос. Пронајдовме осмислен логос.

Во една слика, актот лежи пред преминот во Сферите. Навидум личи дека  женската фигура е падната, како птица, како отфрлена нишка од целината. Но, ако се загледаме понавнатре, ќе видиме длабоко созерцание и прелевање во себеси. Понирање. Успиена убавина. Миг пред смртта. Помирување со себеси. Вечен крик на смртниот час. Душа без тело. Мечтаење за целото. Повторно раѓање. Восхит пред портите на Вечноста. Успение. Каде одиме? Кој е патот?

Клучот за Преминот е закопан внатре, во нас.

Никола Пијанманов


Марија Трајаноска е родена на 29.8.1996 година во Кичево, Република Македонија.  Средно образованиe завршува во ОСУ „Мирко Милески“ – Кичево  со насока: Јазично- уметничко. Дипломира во 2019 на Факултетот за ликовни уметности  – Скопје, во класата на проф. м-р Антони Мазневски, со насока сликарство – отсек Конзервација и реставрација.

Добитник е на студенстската наградата за инвентивни достигнувања во областа на сликарството „Борко Лазески“ во 2019.

Самостојни изложби:

 

  • 2020, декември – Скопје, „Состојби“, Музеј на Град Скопје
Групни изложби:

 

  • 2015 – Скопје, АМС „Млади уметници“, НГМ Мала станица                                  
  • 2018 – Њујорк, „Art 52nd Street“, интернационална групна изложба на млади уметници, Gallery MC
  • 2019 – Скопје, „Четирите мајстори на модернизмот“, Галерија ФЛУ
  • 2020 – Скопје, „Not your toy“, Ј.У. Дом на култура „КочоРацин“
  • Настанот е организиран со строго почитување на актуелните ковид-протокли

виртуелна галерија >

Галерија МКЦ