Како една целина, овој роман е моето себесоздавање, зашто растев со неговото пишување. Ова сум јас, мојата проза и поезија (бидејќи никогаш не сум можела да ги делам), ова е мојот живот, ова е мојата љубов кон пишувањето пред сè, а потоа и кон јазикот.
Во моите дела јас сум Акварел, но за жените, за вас, јас сум една обична Анастасија со испреплетени и кружни сеќавања и патем со една плетена кошница и шака румени цреши, кои нана ги чувала за моето раѓање. Сè уште не знам како. Веројатно биле смрзнати.
Можеби поради тоа што младоста по природа е храбра, авторката не се плаши да ги разголи своите најинтимни размислувања, ниту пак да пишува за некои од најтрагичните детали од својата приказна, во еден исклучително тежок самостоен обид да ја отвори, исчисти и стерилизира раната, за да го спречи нејзиното понатамошно инфицирање.“ – Ана Василева