ПРИМЕНА НА АРТ-ТЕРАПИЈА ВО ИНКЛУЗИВНИ УЧИЛИШТА

Едукативни работилници за вработените во училиштата низ градовите во Македонија

Арт-терапијата го користи уметничкиот медиум како примарен начин на комуникација и ги комбинира различните креативни техники од ликовна, музичка, драмска терапија, терапија со движење, семејна терапија итн.
Уметноста овозможува учење преку активности што го охрабруваат и олеснуваат едукативниот и социјалниот развој. Арт-терапијата овозможува поголем степен на самоспознавање и креативност, како кај типичните деца, така и кај децата со попреченост во развојот.
Преку работилниците на арт-терапија имаме за цел детето да дознае повеќе за своето минато, да ги увиди предметите, музиката, носиите од тоа време и да му се помогне да учествува во изработка на дел од нив.
Со оваа техника на работа кај децата ќе влијаеме да го задржиме вниманието при работата, ќе го развиеме интересот кон нови нешта, ќе ја подобриме фината моторика како и трпеливоста и истрајноста во работата. Најважното од сѐ, ќе делуваме врз можноста на професионална ориентација, каде што во иднина може и ќе им биде професионална определба, а со тоа нема да бидат општествен терет, туку рамноправно ќе придонесуваат во општеството. Како краен продукт е најважниот психолошки елемент: задоволство од изработеното.

Проектот ќе се реализира во шест училишта и тоа во следните градови низ Македонија: Куманово, Велес, Штип и Свети Николе.

  • Првата едукација ќе се одржи на 21.5.2021 во ОУ Вук Караџиќ од Куманово.
  • Втората и третата едукација ќе се одржат на 28.5.2021 во ОУ Блаже Коневски и ОУ Васил Главинов од Велес
  • Четвртата едукација ќе се одржи на 17.6.2021 во ОУ Гоце Делчев од Штип
  • Петтата и шестата едукација ќе се одржат на 25.06.2021 во ОУ Кирил и Методиј и ОУ Гоце Делчев од Свети Николе

– Едукатор на овие работилници е Јасмина Лукановска, специјализиран Арт-терапевт
– Проектот е поддржан од Министерството за култура, а минатата година успешно се реализираше во неколку градинки на територија на град Скопје, а секако, потребно е што повеќе да се применува и во ОУ од Скопје и низ републиката.