И оваа година ПРВО ПА ЖЕНСКО по десетти пат потсетува на родовиот јаз на музичката сцена!
Фактот дека на глобално ниво жените во музичката индустрија (21.6% артистки, 12.6% текстописци и 2.6% продуцентки) и на музичките фестивали (27% артистки) сè уште се малцинство, а 2022 година е доказ дека и бината е простор кој допрва треба да се освојува. Кај нас ситуацијата не е многу подобра – напротив, со оглед на тоа дека музичката индустија е скоро непостоечка, музички фестивали има малку, а за родовиот јаз сè уште се шепка.
И сега, се јавува непокорливата желба да се исправи неправдата… А има ли подобар начин за да се направи тоа од фестивал во кој музичката програма ќе е составена само од екстремно талентирани артистки? Затоа, фокусот на ова јубилејно издание е на жени кантавторки кои и годинава на фестивалската сцена на ППЖ не се тука само за да пркосат на топ 10те хитови на музичките хит листи. Ниту се тука да пополнуваат квоти на очајната родово небалансирана сцена, а најмалку се тука за да ви се допаднат вам. Тие доаѓаат со изградени став и мисла, со причина повеќе за определбата да создаваат музика во оваа демотивирачка густа магла. Оваа година на ПРВО ПА ЖЕНСКО ја имаме честа да ги слушаме меланхоличните мелодии на емотивниот и политички разум кои ранливо се принесуваат до нашата свест, кои нѐ разнежнуваат и нѐ прават посилни.
Розовата бука никогаш не била поавтентична!
Ве очекуваме во МКЦ на среќна среда, да го испратиме последниот августовски ден пред досадните школски клупи. Влезот е бесплатен!
Настапуваат:
- Јоана Ристеска
- Сара Ренар
- Марија Каева
- Теа Шалдева / Galatheia