монографската изложба од академската сликарка Наташа Андонова
Во рамките на Европскиот ден на уметничка креативност од проектот CreArt, во организација на Музеј на Град Скопје и Град Скопје, веќе четврта година успешно се спроведува циклусот Калеидоскоп.
Оваа година изложбата ќе се реализира во ЈУ Младински културен центар од 5.4. до 12.4.2021 година, со претставување на монографската изложба „Помеѓу зборот и сонот“ од академската сликарка Наташа Андонова.
На изложбата ќе бидат претставени илустрации за детски бајки и приказни, каде што Наташа оттргнувајќи ги од светот на фантазијата создава нови визуелни приказни во кои волшебно ги разигрува мноштвото нејзини јунаци. И како што Наташа ќе каже:
„Детето во нас никогаш не е доволно пораснато за да престане со љубопитност.
Ние сме постојано во потрага по нови знаења, искуства и нови светогледи.
Тоа значи дека растеме. Растеме низ игра, а фантазијата е горивото за растењето.
Тука има препреки, грешки и паѓање, како и во бајките.
Во бајките, прозата и поезијата, суштинското добро е коренот на кој почива мотивот и доаѓањето до него е целта.
Во потрага по тоа добро чекорат храбрите јунаци-ликови со атрибути на лојалност, доблест, љубов, љубопитност, заедно со нивните опоненти, во еден виор и вртлог на фабулата.
Нивната авантура е наша авантура, се идентификуваме, осознаваме и најмногу од сѐ, создаваме слики, визуелни отпечатоци, кои се складираат во нашето помнење и се репродуцираат ненајдејно и спонтано кога ќе им се посака.
Помеѓу зборот и сонот се простира сликата, ликот, атмосферата, кои ги викаме илустрација“.
Од 2017 Град Скопје е еден од 12-те европски градови вмрежени во проектот CreArt (Network of Cities for Artistic Creation)