ПМГ Рекордингс Фестивал 11 и оваа година дел од популарната БЕЛА НОЌ
Во Младинскиот културен центар на два музички подиуми, ќе продефилираат некои од највозбудливите имиња на македонската музичка сцена. ПМГ Рекордингс е дискографска куќа со над 200 изданија на современа македонска музика и секогаш е доследна до високиот критериум за квалитет, кој го презентира во најдобро светло на својот годишен фестивал.
МКЦ Парк е резервиран за бендовскиот дел од програмата. Еден од најуспешните наши бендови во последниве 20 години, со 9 албуми и голем број хитови е секако ПМГ Колектив. На овој фестивал, тие ќе го претстават материјалот од најновиот албум “Fraternité“, но во исто време и новата постава од 8 члена, вистиснки оркестар, кој ќе понуди сосем ново искуство во перципирање на музиката на овој состав. Подгответе се за голем звук и незаборавна свирка. На истото место ќе ги проследиме и легендите на македонската џез-сцена Сетстат; добро познатата поп-дива Марија Каева со сосем нов материјал; загадочните електродаркери Блекстејт и извонредно интересните Луфтханза, кои внесуваат нова младешка енергија на сцената.
МКЦ Плато сцената е резервиран за електронска танц-музика, каде што можеби највозбудлив ќе биде деби-настапот во живо на електро дуетот Диџеј Магија, а со диџеј-сетови ќе се претстават: Дарко Јорданов, Нино Наумов, Божидар Видоески, Илина Ангел и DJ UX од фантастичното Амок Радио.
- Настанот е организиран со строго почитување на актуелните ковид-протоколи