Доделување на наградата „Пегаз“ за 2022

промоција на победничкиот роман „Зелениот дворец“ од Сибо

Промотор: Јана Мишо

жири: Владимир Јанковски, Елизабета Баковска и Бисера Бендевска

„Зелениот дворец“ е роман – временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста.

Во фонот на урбанистичките промени на градот поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување.

На четвртото издание на книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.

Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година беа разгледани и ракописите: „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон. Романот „Зелениот дворец“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, наскоро ќе биде достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе може да се набави и на промотивниот настан во Младинскиот културен центар.

Галерија МКЦ