„Нека играат децата“ е прва објавена книга на Денис Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот, воопшто.
Во голема мера книгата изобилува со автобиографски приказни, збогатени со имагинативната нарација, преку кои авторот воспоставува комуникација и блискост со читателот и му испраќа емотивни и моќни пораки.
„Вешто, мајсторски и со префинет стил, Бојаров пишува за потесното и поширокото семејство на начин на кој никој не пишувал долго време. Се работи за поучни раскази што носат многу силна порака и што ќе ви послужат да ги стоплите односите во семејството, ќе ја разбудат емпатијата во вас, ќе ве потсетат, научат и освестат за вашиот однос и внимание кон децата, животните и природата, ќе ви овозможат да доживеете душевен ораториум“.
Венко Андоновски
„Но, она што е особено впечатливо, е умешноста на тие раскази за обраќање директно кон емоцијата на читателот, кој ги препознава ликовите од нашето поднебје, настаните што може да бидат и туѓи и на нашите блиски, и лично наши и на авторот и на раскажувачот, и токму ваквата идентификација не само што не нѐ остава рамнодушни туку и создава силна врска меѓу нас.
Праќањето порака преку зборовите, комуницирањето на авторот со читателот во и преку текстот, секако, на еден начин што е суптилен, скриен и деликатен е одлика на веќе изградените писатели“.
Фросина Пармаковска
Денис Бојаров е роден на 4 јуни 1987 година во Штип. Основното и средното образование ги завршува во Радовиш, а високото во ФЛФ „Блаже Конески“ – Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во последните петнаесетина години живее во Скопје и активно работи како преведувач од турски на македонски јазик и обратно во здружението „Румели Чичеклери – здружение за наука и култура – Скопје“, лектор е по македонски јазик, држи приватни часови по македонски на странци и е еден од авторите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик.
Неговите писанија се ценети и високо вреднувани и од издавачките куќи во Македонија. Учествува на повеќе книжевни читања и е добитник на десет награди, меѓу кои Прва награда и трофеј за прво место за поетската творба „Афродита“ на литературната манифестација „Охридијада, 2018“; Прва награда за најдобра поетска творба под наслов „Љубовта е најубава“ на поетската манифестација „Гордана Коцева, 2019“; Награда за убав стил на пишување поезија на литературната манифестација „Охридски бисер на поезијата, 2019“ и диплома за најдобар расказ под наслов „Нека играат децата“ на меѓународната манифестација за литература, уметност и култура „Планетопија, 2019“.
„Нека играат децата“ е неговата дебитантска книга.