НЕ Е НИТУ СОН

ОТВОРАЊЕ НА Изложба на слики ОД Владимир Илиевски

На оваа изложба Владимир Илиевски ќе се претстави со нова серија слики, кои се доближуваат до она што може да биде сон. А не е. На моменти е сосема обично чекање под црвеното светло од семафорот или држење вазна со цвеќе, а некаде е јавање низ облаци или лежење под планина што лебди. Всушност, вака почна:
„Излегов да прошетам по новата планета што ја открив. Онаа на која никогаш не ни бев. Се напив од синото искривено шише вино, кое стоеше зад задната нога на белиот коњ. Чудно е, бидејќи белиот коњ не беше отсекогаш бел. Претходно беше кафеав. А сега пред главата имаше нешто сино. Што е тоа синото? Камо да знаев. Над него, како и обично, имаше клавијатура, која се протегаше од мене до црвените дрвја што личеа на шеќерна волна направена од облак измешан со шлаг за торта. Никогаш не сфатив зошто таа рака го притискаше дрвото толку силно. Не можеше ли да чуе со увото, кое не се ни гледа. Прекрасна ноќ како и секоја друга, силно затемнета од светлината на месечината. Таа гледаше сѐ. Фрли еден зрак темнина и на моето рамо онаму каде што стоеше пеперутката. Токму тогаш јас не постоев. Очите на тилот ми беа само за да ја видам пеперутката. Но не ја видов. Се претвори во гасеница. Сето ова беше толку обично и досадно“.


Владимир Илиевски е роден во 1989 г. во Скопје. Во 2012 г. дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Катедрата за сликарство. Од 2012 до 2022 г. реализирал дванаесет самостојни изложби во: Скопје, Охрид, Делчево, Струмица,  Ботевград (Р. Бугарија) и Нови Сад (Р. Србија). Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и странство. Автор е и на два мурали, во Скопје и во Струмица. Учествувал на десетина ликовни колонии во: Охрид, Струга, Струмица, Велес, БиХ, Р.Бугарија, Р. Србија. Добитник е на 7 национални награди. Од 2012 г. член е на ДЛУМ, а од 2022 член е и на ДЛУБ.

Галерија МКЦ