„Натура“ – Тамара Забазноска

Самостојна изложба на Тамара Забазноска

Поттикната од тајните што ги содржи природата во корелација со новите научни истражувања, опусот кој би го претставила е базиран врз науката и знаењата, насловен „Натура“ – љубовта кон природата во сите нејзини манифестации, од најмалиот организам до црвениот гигант кој лебди во универзумот и хистологијата на човекот.  Со „Натура“ доаѓа љубопитноста, поривот да се истражат и откријат местата каде што човекот се среќава преку природата со себе. И додека ги користиме сетилата за да изразиме делови од нас што се скриени, така може да користиме и различни елементи за да го направиме видлив оној дел од природниот невидлив свет.
„Натура“ е синтеза помеѓу универзалното и микроскопското, силите што ги брануваат длабочините на човечкото битие и природата, која крие тајни и нуди одговори. Можеме да ги примениме нејзините тајни и да ги прочитаме одговорите преку нови откритија како основа за нашата иднина.

Тамара Забазноска е интердисциплинарен уметник и архитект. Родена во Скопје, 1987 година, ги стекнува првите знаења преку енциклопедиите и бајките, за понатаму да го насочи својот интерес кон математиката, геометријата и релациите во просторот, преку Архитектонскиот Факултет, кој го завршува 2011 година. Потребата за истражување, желбата за изразување на природните сили, новите научни знањеа и учења се постојан поттик за репрезентација на шемите во микро и макро светот на природата и човекот, кои ги опфаќа преку втор магистерски труд на тема Архитектурата во природата и Природата во архитектурата во 2018 година, како и низ делата на композитно дрво создадени од клинци, конец и стакла.
Уметничниот израз е прецизен и геометриски, претставен преку заедништво на елементите што сугерираат дека секоја идна точка/акција е резултат на сите претходни точки и акции. Делата во себе носат ритуал на дејствување – оската на симетрија како имагинарна линија околу која формите ротираат, свесни за дуалитетот и екстремите.

Изложби:

  • Ноември 2019, МАРХ, 5 год. од основање на здружение Македонска архитектура, МКЦ, Скопје
  • Април 2017, Тајане, самостојна изложба, Flux галерија, Скопје
  • Април 2016, Просторна синтакса, самостојна изложба, Кула, Скопје
  • Јуни 2016, Paratissima Скопје, Интернационален саем за современа уметност, МКЦ, Скопје
  • Октомври 2016, ФСУ (фестивал за современи уметности), самостојна изложба, Отворено графичко студио, Музеј на Град Скопје

Награди:

  • Октомври 2016, специјална награда при Фестивал за современи уметности, , Отворено графичко студио, Музеј на Град Скопје
  • Јуни 2016, специјална награда на Европско ниво при Paratissima Скопје, Интернационален саем за современа уметност, МКЦ, Скопје
  • Ноември 1990, 13-ноемвриска награда, Друштво на ликовни уметници, Скопје
FB event

Галерија МКЦ