„Остров на уметноста“

„Моменти на магично присуство“

Отворање на изложба на Bиктор Јаневски

Помеѓу реалноста и фантазијата

Третата по ред самостојна изложба на младиот скулптор и сликар Виктор Јаневски конципирана e од неколку цртежи и поголем број слики изработени во акрилна техника.

Самиот генерален наслов на изложбата „Моменти на магично присуство“, како и мотивите во сликите, реферираат на лавирањето помеѓу реалноста и фантазијата. Во тој слободен, духовно изолиран паралелен свет, или во тој реално–иреален „остров на уметноста“, Јаневски ни ги манифестира миговите на своето интимно магично доживување во процесот на креирањето на делата. Рефлексијата на магијата може да ја детектираме во варирањето на колoристичката експресија, во прелевањето и лавирањето на боите, во различната мoрфологија на елементите во композициите коишто се артикулирани низ стилските разлики. Како што ги прелева боите, се чини дека Јаневски, спонтано, низ еден лежерен ритам, синхронизирано и дискретно стилски оперира, тргнувајќи од реално-надреалните, преку монохромно обоените, па сѐ до апстрактно третираните дела.

Во поголемиот број слики, доминантното место го заземаат некои „вибрирачки“ астрономски и метеоролошки сензации, кои се присутни во сликите: „Создавање“, „Некаде далеку“, „На граница“, „Енергија“, „Светлина околу еклипсата“, како и минималистички третираната метеопретстава „Дожд“ и сликите обвиткани со надреалистичка аура „Фатморгана“ и „Рамнотежа 2“.

На стартот на својата сликарска кариера, веруваме дека Јаневски, во неговиот „Остров на уметноста“, и натаму ќе ги создава своите имагинарни, реално-виртуелни светови, и натаму ќе ги игнорира објективно бесперспективните околности, кои денес ги живеат многумина млади уметници!
Конча Пиркоска


Bиктор Јаневски е роден 1994 во Скопје, завршил cредно уметничко училиште во Скопје, дипломиран вајар и магистриран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, учесник на две самостојни и повеќе групни изложби.


Изложбата трае до 18 април

Галерија 2