МОМЕНТ – ДОКУМЕНТ

промоција на книга фотографии на зденко петровски

Ако најважниот елемент за фотографијата е светлината, тогаш веројатно концертната фотографија е еден од најтешките фотографски жанрови. Имено, поради брзите и драматични промени во осветлувањето во текот на еден концерт исклучитечно е тешко да се погоди точното подесување на фотоапаратот (бленда, експозиција, осетливост…). Дополнително, сцените се најчесто динамични, а осветлувањето е со разнобојни насочени лед-рефлектори, кои брзо ги менуваат светлосните услови. Она што за публиката значи светлосен спектакл, во исто време за еден фотограф значи вистински предизвик, кој бара константно прилагодување на променливите светлосни услови. Но кај нас често има и спротивни примери, кога музичките настани се придружени со слабо или речиси никакво осветлување, па фотографирањето во такви услови е уште потешко.

Денес напредокот на технологијата и развојот на дигиталната фотографија овозможија речиси секој музички фан и посетител на концерт да биде и фотограф, сеедно дали притоа ќе фотографира со телефон или пак со „сериозен“ фотоапарат. Понекогаш се случува во еден момент на концертот, цел прв ред да е ислопнет  со обожаватели што во рацете држат DSLR фотоапарати. Со тоа се замагли линијата помеѓу еден фотограф и музички фан. Но сепак, и покрај сето тоа, заради специфичните услови на фотографирање малкумина фотографи успешно и во континуитет ги доловуваат најубавите моменти на музичките настани.

Повеќето наши концертни фотографи најчесто се фокусират на крупни кадри, односно преферираат да направат портети на изведувачите. Можеби тое е во линија на еден ефективен фоторепортерски пристап најдобро опишан од Роберт Капа, кој рекол: „Ако твоите фотографи не се доволно добри, тогаш не си доволно блиску“, што често се применува и во концертната фотографија. Но она што е посебно во фотографиите на Зденко прикажани во оваа книга, е што тој гледа и фотографира многу пошироко, фокусирајќи се повеќе на атмосферата и емоциите на публиката на секој концерт, отколку на помалку битната фактографија и физичка појава на изведувачите. Подеднакво ефективни се и фотографиите снимени зад сцена или пак во холовите, пред и по музичките настани. Притоа иборот на медиум (аналоген или дигитален) е најмалку важен, зашто авторот на оваа книга извонредно ја владее фотографската техника и е мајстор на фотографскиот занает.

Треба и да се каже дека Зденко, отсекогаш бил посебен, поразличен, односно свој, не само поради изборот на кадрите. Неговите фотографии се извонредни затоа што се резултат на спојување на неговите две најголеми пасии – музиката и фотографијата. Тој ја разбира музиката, а преку фотографиите успева да ја пренесе набиената драматика, жар и возбуда на секој концерт, како кај изведувачите, така и кај публиката. На тоа се надоврзува неговата посветеност и систематско следење на најважните музички збиднувања во Скопје. А кога се работи за музика и фотографија – сѐ се сведува на љубов, страст, вештина и посветеност. Плод на сето ова е „Момент-документ“. Книгата е доказ дека кога се прави она што навистина искрено се сака, успехот е неминовен. Таа е извонреден приказ за живата музичка сцена во Скопје во период од 2007 до 2020 година. „Момент-документ“ ќе остане како документ за едно време, луѓе и настани што Скопје и неговите граѓани заслужуваат да го имаат и за идните генерации.


  • Издавач: ЈУ Младински културен центар
  • Промоцијата на книгата е во рамки на настанот 30 години Канал 103
  • Промоцијата ќе биде организирана со почитување на актуелните ковид-протоколи

МКЦ