МКЦ ЗА СКОПЈЕ

Одбележуваме 57 години од скопскиот катастрофален земјотрес. МКЦ за Скопје е настан што нѐ потсетува на солидарноста на скопјани, на солидарноста кон Скопје, на интензивноста, обединетоста и хуманоста на луѓето.

 

19:30 | „Култните градби во Скопје“

Изложбата е избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“, а ги претставува култните градби во градот Скопје, надополнета е и со видеопроекција.

Организатор и продуцент:

Media Broadcasting Скопје

Селектор:

арх. Ѓоко Радовановиќ

Автори на фотографиите:

Горан Јакимовски, Горан Георгиевски, Владимир Арсовски

Монтажа на видео:

Митко Арнаудов

20:00 | „Скопје: изгубените чевли на градот“

Промоција на новата книга на Иван Шопов, „Скопје: изгубените чевли на градот“, која содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје. Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците. Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“. Зад квази-барокните архитектонски кулиси, предимензионираните милитантни споменици, покриени од вревата на славната квазиисторија – живеат луѓе, чиишто мали драми испреплетени со тајните на градот се многу поважни! Всушност, малите приказни се оние кои го прават градот жив, вибрантен и возбудлив. Токму за нив зборува, или се обидува да зборува книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“.

Изданието е на издавачката куќа Или-или.

За книгата ќе зборува Владимир Јанковски, кој ќе го води и разговорот со авторот, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.

21:00 | ИМПРОВ ГРУПА – НАСТАП

Во изведувачките уметности, импровизацијата се користи како алатка за време на креативниот процес. Во театарот, постојат вежби и ‘игри’ што ја освестуваат и развиваат креативноста, довербата во партнерот, способноста на изведувачот да се адаптира на секој нов проблем и секогаш да дејствува од активна но релаксирана позиција. Овие вежби и игри се основата на која е изграден еден ИмпровНастап.

Заснован на овие игри за импровизација, адаптирани да се играаат пред публика, Импров Настап е комична, непосредна, но комплексно структуирана театарска претстава, обврзана да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив.

ИГРААТ:

Мартин Манев
Григор Јовановски
Дамјан Цветановски
Наталија Теодосиева

ВОДИТЕЛ:

Андреј Цветановски

22:00 – Музичка програма

ПЕРИЈА Самото име на бендот значи ‘самовила’ и e турцизам што се употребува во делови од земјава, а во него членуваат Филис Синаноска и Кате како вокали, заедно со Леа се и музички изведувачи на уд, перкусии, тамбура и кемане. Познати се по тоа што својата музика ја изведуваат и на јавен простор низ градовите во земјава и странство сакајќи да ја промовираат културата на достапност, а да ја минимизираат културата на елитизмот.
Патувачки караван што се обидува да ја донесе магијата на планините и селата на улиците, да го спои ориентот и Балканот, без да го запостави градското дете во нас…

 

21 ВЕК Бендот 21 вeк од Скопје e сочинет од три добро познати личности од подземната сцена: Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев од Bernays Propaganda, FxPxOx, XAXAXA, My Tear…
21 век истражуваат експресивна палета на влијанија кои се движат од пост-панк до македонска традиционална музика.

 

Е’Н2ТРИ Ад хок слободноформиран кластер со неконвенционална променлива форма артикулирана на една ексклузивна кодирана изведба. Сега-и-тука перформансот има супермоќ да ве доближи до вителот на вашата сопствена спонтаност, која, ви се допаѓало тоа или не, парадоксално ја позиционира вашата неподготвеност во концептуална матрица. Да се произведе или направи „нешто“ од сè што е на располагање е крајната креативна посвета. Измисли-осмисли-фрли заедно. За оваа прилика Е’н2три свират земјотресно, со перцептивно складирање на меморијата во перформнсот „5:17“.

  • Настаните ќе бидат реализирани по соодветен протокол, запазувајќи ги препорачаните мерки за заштита. Ве молиме придржувајте се до истите;
  • Бројот на посетители е ограничен, влез само со бесплатни билети, кои може да ги набавите онлајн на bileti.mkc.mk
FB event