ОТВОРАЊЕ НА ИЗЛОЖБАТА
Живееме во време на нови технологии во кои интернетот, како неверојатна брза комуникација со светот, го зазeма приматот. Сѐ поретко се пишуваат писма и се испраќаат картички. Секое општење меѓу нас се заменува со електронски пораки од мобилните телефони.
Изложбата „Македонско етнолошко културно богатство низ марките издадени од Пошта на РС Македонија“ сведочат за односот на оваа институција кон нашето културно богатство. Издадените марки претставуваат најдобра презентација и афирмација на нашата култура и традиција, бидејќи тие патуваат низ времето и просторот.
Покрај издадените марки со етнолошка содржина на изложбата , свое место наоѓаат и Пликовите прв ден (FDC) и максимум картичките. Со нив се добива поцелосна слика за секоја претставена тема: Народна носија, Торба и Килимче, Старо Оружје, Казанџиски занает, Килимарство, Филигран и накит , Народна керамика грнчарство, Македонски вез, Народни музички инструменти, Ковачки занает, Седефкарство и Традиционална архитектура.
Изложбата треба да го зголеми сознанието на граѓаните за ова наше културно богатство, но и да поттикне интерес кај новата млада генерација филателисти. На тој начин марките ќе имаат своја иднина. Поранешната Македонска пошта не случајно како прва марка избрала мотив со етнолошка содржина, претставувајќи двајца зурлаџии во народна носија. Зурлата е инструмент со продорен звук и се слуша на далеку. Така и пораката испратена со оваа наша прва марка за Суверена Република Македонија по Референдумот од 1991 година има за цел да се чуе што подалеку низ целиот свет за нашата република.