промоција на книга од златко ѓелески
Промотор: Влатко Галевски
Модератор: Јулијана Величковска
„Мастерклас“ на Златко Ѓелески е радио/книжевно сликарство или радиски документаристички серијал, каде што авторот и буквално ги екстериторизира раскажувањата на соговорниците, нивните погледи и искуства, со манир на истражувач на личностите и на нивните алхемиски творби. Нивната заемна комуникација повремено поприма чудесни релации – надополнување, синхронитет, рефлексија, медитативност, исповед, заемна доверба, а официјалноста на средбата Златко ја трансформира во доверлив, безмалу пријателски, разговор.
Документаристички структуирано, „Мастерклас“ е четиво што наликува на мозаик, во кој се преплетуваат и формално естетските аспекти, етичкото и соборното. Ѓелески е несомнено посветен и вешт портретист. (…) Ова се високопрофесионални макроприближувања до суштината на уметноста со која се занимаваат неговите соговорници.
Со читањето на „Мастерклас“ сте се нафатиле на „тешка“ маратонска читачка дисциплина, но, ве уверувам, ќе дојдете до целта слатко уморни со сознанија што ќе ви ги збогатат вашите духовни и љубопитни потреби. Благодарение на портретираните личности, но пред сѐ благодарение на неуморниот хроничар и познавач на филмот, Златко Ѓелески.
‒ Влатко ГАЛЕВСКИ.
Книгата содржи шест долги и темелни разговори со Милчо Манчевски, Владимир Блажевски, Антонио Митриќески, Горан Тренчовски, Светозар Ристовски и Игор Иванов – Изи.
Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година. Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, музичките на „Плагијат“, а пишува филмски рецензии објавени во печатена форма во: „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм +“, „Филмски печат“ и други магазини и дневни весници. Од 2011 година до ден-денес е водител на филмската радиоемисија „Дансе Макабре“, која брои 13 сезони на радио „Канал 103“, како и специјализираната емисија за ТВ-серии „ТВ 103“ од 2020 година, која брои три сезони. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12-тото издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“ и „Мемоари“, асистент во пост-продукција на „Центроид“, организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“. Беше член на жири-комисии на филмските фестивали: „Синедејс“, „Македокс“, „Филмај“, „Мобил фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“ и „Флипбук филм фестивал“. 2017 и 2018 година е водител на јутјуб емисиите „Видеологија“ и „Ревизија“, а организира и мултимедијални забави со „Доминион евентс“.Има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“ во 2013 година, „Колекционерот на страв“ во 2015 година и „Понор“ во 2019 година, а секоја година неговите раскази се преведуваат и се објавуваат на српски јазик, во неколку балкански антологии.
Во 2021 година беше објавена неговата четврта книга, односно прва збирка филмски есеи и рецензии „Видеологија“. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата и објавени во различни спијанија и збирки, дигитални и печатени.