Марија Каева

Концертна промоција на албумот Фортуна

Повеќе од две децении, Марија Каева е добро познато име на македонската музикча сцена. Нејзината харизматична појава, прекрасен вокал, извонредна лирика и авторски печат, станаа неизоставен дел од нашиот музички живот низ годините. Незаборавни радиски хитови, но и ангажирани авторски авантури и огромен број соработки со некои од најквалитетните домашни музички имиња се одлична база за развој.

Нејзиниот пат низ музичкиот свет е уникатен и неретко зафаќа неочекувани странични улички, но авторскиот набој е несомнен, а новиот албум „Фортуна“ е само доказ за зрелост. Извонредна плоча, која јасно зборува за една развиена експресивност и сериозна музичка издржаност и сето тоа во рамките на поп-музиката како правец. Токму парче по мерка и вкус на ПМГ Рекордингс како концепт. „Фортуна“ е директна соработка на Марија Каева со еден од нашите најпродуктивни и секако најквалитетни музичари, Владан Дробицки (Сетстат, МОБ, Кантон6, ПМГ Колектив), за кого овој албум носи неочекуван излет во електро-поп води. Нешто што на Каева совршено ѝ лежи, па таа фанстастично го надградува со својата лирика и музикалност.

„Фортуна“ е еден од најдобрите албуми оваа година и носи повеќе композиции со хит-потенцијал, но и подлабоки аспирации. Албумот излегува на band camp-от на ПМГ Рекордингс во понеделник на 13 декември, а промотивниот концерт, на кој Марија ќе настапи во живо придружена од Владан Дробицки (електроника) и Дино Милосављевиќ (тапани) ќе се одржи на 17 декември, петок, во Младинскиот културен центар, Скопје. Специјални гости на концертот со настап во живо ќе бидат скопските диџеј Магија, супергрупа составена од Галатеа и Андреја Салпе, добро познати ликови од локалната електронска сцена.


  • Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протоколи

сала 25 Мај