Француско-шпанскиот уметник Ману Чао е култно име на бунтовната музика и еден од најважните гласови на музиката на светот, а привилегија на публиката на Таксират е што во својата мапа на секогаш внимателно избрани места за свирење големиот Ману Чао упорно инсистира на Скопје! Неговиот прв настап во Македонија се одржа во 2002 година и остана запаметен како еден од најдобрите што ги има видено македонската публика. Од тој посебен момент Ману Чао важи за другар на Таксират, на Скопје и на Македонија, а секое негово навраќање кај нас носи обострана неизмерна радост, како што впрочем и самиот напиша во најавата за овој концерт.
Во својата музика тој спојува различни култури и влијанија, панк, рок, ска, реге, салса и традиционални песни во кои го пренесува пркосот кон предизвиците на денешниот свет. Од имиграција до консумеризам и глобализација. Од основањето на славната група „Мано Негра“ во 1987 година до денес, Ману Чао е уметникот што ги наполни дури и најголемите стадиони низ светот, продаде милиони албуми и сними безброј хитови.
Овој пат, Ману Чао пред својата публика се враќа во акустична постава. Заедно со гитаристот Лусијано Едуардо Фалико и долгогодишниот музички партнер, перкусионистот Филип Тебул (познат како Гарбансито, член на Mano Negra и Radio Bemba), Ману сега патува со најинтимните концерти во својата кариера, без ѕвездени статуси, без толпа од стотици илјади и по правило во мали концертни простори кои веднаш се распродаваат.
Веќе се распродадени и сите претходно најавени концерти на Ману Чао во регионов, а меѓу нив рекорден е белградскиот настап за кој билетите се распродадоа за помалку од 24 часа.
За концертот на Ману Чао во Скопје, билетите се веќе пуштени во продажба и тоа со нивната најповолна цена, 700 денари која ќе важи само за првите 200 билети достапни за купување во продажната мрежа на МкТикетс низ Македонија и на билетарницата на МКЦ.
Концертот на Ману Чао во Скопје е во организација на „Пасворд Продакшн“ и се одржува во склоп на програмата на фестивалот Таксират.