Креативни книжевни работилници

Креативни книжевни работилници е проект кој обезбедува можност за приближување на литературата и литературните техники за секој читател, без разлика на возраста или пак претходните знаења.

Работилници од овој тип се во дефицит во нашата земја (ако не и сосем отсутни), така што создавање на една ваква пракса, посебно за младите генерации, за оние што сакаат да ги усвојат техниките и вештините на пишувањето, а немаат можност тоа да го направат надвор од формалното образование.

Ќе се реализираат два типа работилници:

Работилница за стрип, ментор: Билјана Црвенковска

Возрасна група: 8-12 год.
ДКЦ, Секој петок од 7 април до 5 мај; 17:30

„Како се пишува приказна за стрип (и зошто мора да ја има)“, креативни работилници за деца на возраст од 8 до 12 години со писателката Билјана С. Црвенковска, е проект замислен како серија од работилници во кои децата ќе учат основи на правење стрип – од прашањата што точно е стрип и зошто секоја стрип-приказна мора прво да се развие како приказна а дури потоа да се црта, па развивање на почетна идеја (синопсис), преку развивање карактери/ликови, до создавање на сценарио за стрип (костур на приказната, описи и дијалози). Последните два часа децата ќе цртаат стрип според напишаното сценарио (односно ќе ги развиваат нивните приказни преку цртеж и дијалог) – а крајните продукти – стриповите, ќе бидат изложени на заедничка стрип-изложба.


Работилница за проза, ментор: Фросина Пармаковска

Возрасна група: 14-18 год.
ЏЕБНО КИНО: Секој вторник 2 мај до 6 јуни; 16:30

„Пишуваме и патуваме“ – Часовите се замислени и прилагодени кон сите категории на учесници, како и кон нивните интереси и преференци. Овие креативни работилници, уште во раната фаза инсистираат на поттик и мотивација на учесниците писмено да се изразуваат, согласно со нивниот личен избор во однос на книжевните видови и жанрови. Паралелно со тоа, се усвојуваат техники на пишување со акцент на кус расказ, расказ и роман (наративни стратегии, ликови, дејство) со користење на најсовремени методи и техники. Притоа, големо внимание се обрнува и на посочувањето на литература на учесниците односно читање класични и современи автори од светската книжевност со материјали кои ќе им бидат обезбедени во рамките на самата работилница. Книжевните креативни работилници се замислени со многу интеракција, динамичност и поттикнувањето на мислата и нејзино преточување во пишан збор. Учесниците, во однос на своите пишани текстови) добиваат прегледи, критики, сугестии – сѐ во насока на унапредување и развој на усвоените техники и вештини.

Времетраењето на една работилница ќе биде два школски часа, односно час и половина.

ДКЦ; Џебно кино