Креативен дневник – бура на идеи

Здраво деца и родители,
Имаме еден генерален предизвик за сите деца што посетуваат креативни работилници во ДКЦ (и други што сакаат да се вклучат во предизвикот), а тоа е секојдневно водење КРЕАТИВЕН ДНЕВНИК. Покрај ова, редовно, во деновите кога имаме часови, секоја група ќе си добие свои задачи како дел од тој час.

Креативниот дневник е ДНЕВНО ПЛАНИРАЊЕ и креирање уметност во тетратка, со или без линии, голема или каква што имате, но најважно е да се користи секојдневно. Во него можете да ги реализирате вашите идеи, размислувања, чкртки и цртки, дневни инспирации, да пишувате и запишувате што сакате.

Неколку идеи за тоа што може да содржи креативниот дневник (30 идеи за 30 дена во месецот):

1. Некоја од вашите активности по дома. Што ви недостасува најмногу додека сте дома?
2. Песна или расказ на слободна тема;
3. Запис како ја одржувате личната хигиена и хигиената на вашиот дом;
4. Колаж на слободна тема со самолеплива хартија, весник, фотографија, во основни бои: црвена, жолта и сина;
5. Ликови од приказните и цртаните филмови – цртеж или приказна за нив;
6. Нацртај различни игри што ќе ни овозможуваат забавно и пријатно фокусирање (пробај да креираш игра по твоја желба и идеја);
7. Цртање со дување во сламка;
8. Истражи уметник и нацртај/репродуцирај некое негово дело;
9. СЛОЖУВАЛКА – нацртај или направи си сложувалка;
10. Цртеж во техника по желба и на слободна тема;
11. Направи цртеж од букви и реченици;
12. Напиши приказна за патување и нацртај го местото каде што патуваш;
13. Нацртај дрво со гранки, ветар, дожд, пролетен пејзаж;
14. Тема: Музика – напиши или нацртај го омилениот музички инструмент;
15. Печатење – монотипија: нанесувате слој темперни бои на едната страна од хартијата, а со другата хартија притискајте одозгора. Потоа ја тргате хартијата и гледате што сте добиле. Ја оставате некое време да се исуши.
Сте работеле ли компир печат? Пробајте, направете некоја форма на компирот (ѕвезда, квадрат…), создавајќи печат, нанесете боја и печатете на хартија;
16. Моето омилено животно – песна, расказ или цртеж;
17. Нацртајте огномет;
18. Нацртај ја или опишија твојата симпатија;
19. Нацртај ги или опиши ги твоите другари;
20. Нацртај што е ИНТЕРНЕТ;
21. Нацртај го новиот поздрав со другарите/ките (без допирање!);
22. Нацртај графички или линеарен цртеж (само со линија);
23. Декоративен цртеж: нацртај си свој костим и декорирај го по твоја желба;
24. Свет на применетата уметност: различни видови дизајн на секакви предмети од твојот дом и околината;
25. Архитектура: нацртај ја куќата или зградата од соништата;
26. Просторен цртеж – нацртај нешто што го гледаш од далеку – блиску со: големо – мало, темно – светло;
27. Импулсивен цртеж: цртежот треба да се раководи од сопствените емоции и фантазија, а композицијата се гради со слободни, експресивни потези;
28. Напиши приказна за себе: кој/а си, што сакаш, што не сакаш, кои се твоите силни и слаби страни, што те прави среќен/на, а што те растажува;
29. Интервју! Интервјуирај ги домашните на некоја тема и запиши ги нивните одговори. На пример, што мислат за одредена работа/проблем, кои им се омилени работи и сл.;
30. Води дневник! Секој ден напиши по неколку реченици за тоа што си правел/а во денот.

Ги очекуваме вашите креативни дневници цртежи, мисли, идеи да ги споделите со нас во инбокс или на:
biljana.crvenkovska@gmail.com и nesovskidoro@gmail.com

 

ДКЦ fb >