Последна вечер од второто издание Крај Вардарот џез. Овогодишното издание на фестивалот ќе го затворат две есенцијални имиња на ПМГЏЕЗ, но и на еволвирачкиот нов бран, кој со својата свежина и квалитет сонично ја заплиснува нашата локална, но и регионална сцена.
Такси Конзилиум/Taxi Consilium е составен од неколку извонредни млади џез-музичари, а предводен од гитаристот и композитор Филип Букршлиев. Квалитетот на нивната музика и зрелата изведба се на завидно ниво, токму како во вашите фантазии за легендарните џез-херои. Нивниот албум “The Essential Sunday Gloom” е прогласен за џез-албум на месецот мај 2021 од водечката светска платформа за продажба на музика БендКемп. Тоа ја заокружува приказната за овие наши талентирани музичари со очигледен глобален потенцијал.
Дино Имери е име што е многу добро познато по македонските „контемпорари“ и „класичарски“ кулоари, но сѐ почесто гостува и на регионалните, но и европски сцени. Тој веќе компонираше, отсвири и издаде еден албум за ПМГЏЕЗ, а за почетокот на 2022 се очекува и ново издание. Неверојатно талентиран, култивиран и позитивен музичар и човек, кој вреди да се проследи во сите негови инкарнации. Нема да биде изненадување ако во следниот период Дино Имери прерасне во едно од водечките имиња на македонската современа музика воопшто. Би било навистина штета да го пропуштите.
- Настанот е организиран со почитување на актуелните ковид-протоколи