КРАЈ ВАРДАРОТ ЏЕЗ #4

Фестивалот „Крај Вардарот џез“ стигна до своето четврто издание. Приказната за дискографската куќа ПМГ-џез и современата македонска џез, светска и современа музика полека се открива во сиот свој раскош. Оваа година имаме најквалитетна и најразновидна програма досега. Извонредно интересни и репрезентативни гости и неколку промоции на нови изданија. Фестивалот е дел од европската платформа МОСТ во програмата за размена и соработка помеѓу фестивали (FEX), а соработува со еден од најрелевантните промотери на музика во земјава минатата година, Аудиокултура.

Програмата на Крај Вардарот џез 2023 се состои од 3 вечери кои ќе се реализираат во Филхармонија и Младински културен центар.

Четврток |18 мај | 20:00

ФИЛХАРМОНИЈА, МАЛА САЛА >> ОТВОРАЊЕ
ВЛЕЗ: 400 ДЕН.

Дамир Имери Трио (Македонија)
Тромбонист и мултиинтрументалист, класично образуван, човек кој првите десетина години од својот работен век ги минува во МРТВ (Македонската Радио Телевизија), каде соработува со легенди од форматот на Драган Ѓаконовски – Шпато, Александар Џамбазов, Илија Пејовски и други. Настапувал на сите можни сцени во нашата земја и со сите можни имиња, од кои веројатно вреди да се истакнат: Душко Гојковиќ, Реј Чарлс, Џани Басо. Дамир Имери Трио мајсторки третираат современа џез музика според сопствените афинитети и се добро познати во пософистицираните џез кругови во нашата земја.

Perforto (Полска)
Ola Rzepka и Łukasz Marciniak го сочинуваат ова жичано дуо за електрична гитара и пијано, кои во изведбата користат дополнителни инструменти од дрво, метал, хартија и други материјали. Во импровизацијата ги истражуваат физичките карактеристики на звукот, како што се висината, темброт, интензитетот и неговите последици во временска линија. Perforto бара специфична звучна чувствителност во хаотичната димензија на околината. Интензивно, деликатно, продорно, суптилно, радикално.
Концертот на Perforto се реализира во рамки на FEX програмата за рамена на фестивал на европската платформа МОСТ.


Петок | 19 мај

Младински културен центар, кино Фросина и лоби
влез СЛОБОДЕН

19:00 | Крај Вардарот џез, сесии со Аудиокултура
Промоција на последното винил издание на ПМГ џез, компилацијата НОВ БРАН – Крај Вардарот џез #2, базар на винили и диџеј-сетови.

21:00 | Концерти
Букршлиев // Томевски (Македонија)
Македонско ехо на богатата традиција на современиот европски џез, изведба на слободна и дискретно структурирана импровизација во нетипични камерни формации. Соработувајќи долги години како композитори и изведувачи во повеќе македонски џез ансамбли, Филип Букршлиев и Благојче Томевски развија телепатска вештина за музичка комуникација, благословена од необичната звучна палета, формирана од инструментите што ги користат: бас кларинет и гитара. Во оваа прилика ќе го промовираат материјалот од албумот „Something Lonely in the Bone“ [ПМГЏез, 2023 година].

Кондовски // Дробички (Македонија)
Логична прогресија на нивните чести соработки, што резултираше со неколку изданија на ПМГЏез. Делумно испланирани, делумно импровизирани, Глигор Кондовски (виолина, електроника) и Владан Дробицки (тромбон) ќе не одведат во искулирана амбиентална авантура, посетувајќи делови од нивните претходни соработки, како и некоја непозната територија. Дробицки е еден од водечките џез и воопшто музичари во земјата, додека Кондовски исцртува езотерична фигура, лизгајќи се помеѓу класика, експеримент, џез, фотографија и филм. Вистинска авантура.


САБОТА | 20 МАЈ | 21:00

Младински културен центар, Сала 25 Мај
Влез: 400 ден.

Chui (Хрватска)
е извонредно интересен и висококвалитетен загрепски (хрватски) квартет, кој негува малку поинаков пристап кон џезот. Нивната визија е бескомпромисен спој на џез со современа клупска танцова музика, електроника и рокенрол. Уште со првиот албум од 2012 година, обезбедија култен статус на хрватската музичка сцена. Во 2017 снимаат албум со џез оркестарот на Хрватската Радио Телевизија, но и една композиција со легендарната југословенска и хрватска дива Јосипа Лисац. Досега имаат издадено 6 студиски албуми, а за дел од нив се добитници на 4 музички награди „Порин“ за најдобар џез албум и најдобра џез изведба. Три пати ја добиваат наградата на музичките новинари Rock&Off за најдобар Jazz & Off состав. Работат и музика за театар (за претставата Hairy Hairy Mouth на литванскиот Psilicone Theatre) и за филм (за немиот документарен филм „Берлинска симфонија на велеградот“ (1927) во режија на Валтер Ратман). Chui настапува во состав Тони Старешиниќ (клавијатури и електроника), Војкан Јациќ (саксофон и електроника), Иван Левачиќ (тапани) и Конрад Ловренчиќ (бас). Чуи досега има настапувано на сите големи џез и рок фестивали во Хрватска и Европа Хрватската музичка критика ги доживува како моментално главна концертна атракција во нивната земја. Време е да се запознаат и со македонската музичка јавност.

Ларта (Македонија)
е проектен наслов на тапанарот Дино Милосављевиќ, кој 2022 ја одбележа со својот прв самостоен албум „Fragments“ издаден за ПМГ Џез, во соработка со долгогодишните пријатели: Ѓоко Максимовски бас, Васко Бојаџиски саксофон и Владан Дробицки тромбон, кој воедно се јавува и како продуцент на изданието. Дино Милосављевиќ е еден од најистакнатите тапанари во земјата и на Балканот. Активен е на музичката сцена од почетокот на 90те години. Соработува со врвни и познати музичари и уметници, а неговото дело особено доаѓа до израз на албумите на Sethstat, Kabadayas, Beneventan trio, Infuse и Алшар, проект на Никола Коџабашија. Дино Милосављевиќ е еден од основачите на Skopje Drum Talks, првото здружение за едукација и поддршка на тапанари во Република Македонија.

Afterparty | 23:30 – 01:30
Младински Културен Центар, Фросина лоби
Влез СЛОБОДЕН

Мирко Попов ПМГ џез, диџеј-сет
Полека но сигурно, ова станува традиција. Затворање на фестивалот со авантуристички диџеј сет се покажа како сјајна забава минатата година, па решивме да повториме. Мирко Попов е еден од најискусните диск џокеи во земјата, но и продуцент, композитор, издавач на музика (ПМГ Рекордингс/ПМГЏез итн…) и се разбира, еден од организаторите на Крај Вардарот Џез Фестивал. Неговата огромна колекција на плочи често инспирира ноќи минати во танцување. Навистина сјаен начин да се затвори еден сакан фестивал.

Крај Вардарот Џез Фестивал 2023 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија и се реализира во соработка со Филхармонија на Република Северна Македонија и Младински културен центар. Партнери на фестивалот се Аудиокултура и Божиновски часовници и накит.