Првиот концертен ден на Крај Вардарот џез 2 е комплетно посветен на 20-годишнината од постоењето и работата на еден од нашите најрепрезентативни бендови, Љубојна. Нивниот автентичен бленд на џез, етно, поп и призвуци од мирис на каранфил, е добро познат во, но и вон границите на нашата земја. По повод овој чудесен јубилеј, тие ќе се осврнат на некои од најинтересните мигови од нивната богата кариера, па сепак, фокусирајќи се на најактуелното од нивната вибрантна сонична кујна, музиката од филмот Стела. Музика што се најде и на винил (PMGJAZZ025), кој го промовираме токму на второто издание на Крај Вардарот џез Фест. Ќе биде особено задоволство да се ужива во најновата инкарнација на еден бенд, кој секако го задолжи нашето време со неговиот вонвременски глас.
Вечерта ќе ја надополни скопскиот електро-џез-етно кросовер-состав Кантон6, кој токму во моментов со турнеја низ регионот, го промовира новиот албум Jazzus. Бидете подготвени за мултидимензионално иускуство низ скриената историја, непознатата митологија, па и чиста мистика, цврсто поставени врз електронски бит на кој се надградуваат 500.000 години македонска џез-традиција. Да, сосем лудо и незаборавно.
- Настанот ќе се реализира со строго почитување на Протоколот за организирање настани, вклучувајќи ги и мерките за потврда за имунизација.