Концерт на Дино Имери

Дино Имери е веќе етаблирано име на домашната сцена, која третира класична музика. Релативно млад, има само 30 години, а веќе важи за еден од водечките и врвни пијанисти, кој редовно може да го следите на репертоарот на Македонската филхармонија, но и како гостин на странски реномирани куќи. Неговиот труд и посветеност резултираат со постојан развој, па оттука и здравата амбиција за пишување сопствена музика. Всушност, преку ова издание за ПМГЏЕЗ, сведочиме за неговата трансформација од фантастичен изведувач во извонредно потентен композитор. „Рефлексии“ е негово прво издадено авторско дело, кое веднаш плени со својата кротка флуидност и паметна убавина. Медитативна потрага по сопствен израз, познати и непознати улици и сето тоа без претерана дистанца, отворен за комуникација со слушателот. Освежувачко отсуство на непотребно интелектуализирање и подготвеност да гради мелодични мостови до љубопитните уши. Се чини ова е само почеток на една возбудлива музичка афера, или ако сакате, композиторска кариера.

Оваа музика ви е потребна. Парче убавина, сосем неповрзано со што било од рутината на вашето напорно секојдневие. Можност за кратко бегство во бестежинска состојба, без напуштање на планетата.


  • Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.
  • Влезот за публика е во 19:30, концертот почнува точно во 20:00 .

сала Фросина